Собранието го изгласа буџетот за 2021 година
Собранието го донесе и Законот за извршување на Буџетот. На гласањето не присуствуваа пратениците од опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Пратениците во Собранието доцна синоќа со 62 гласа „за“, без „против“ и „воздржани“, го изгласаа Буџетот за 2021 година. Собранието го донесе и Законот за извршување на Буџетот. На гласањето не присуствуваа пратениците од опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијанса за Албанците и Алтернатива.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески ги обвини пратениците од опозицијата дека со напуштањето на пленарната сала покажале дека сакаат да ја остават државата без буџет, со времено финансирање во кое ќе може да се исплаќаат пари само за плати и придонеси, но не и за другите неопходните потреби на граѓаните и за функционирање на државата во актуелната ковид-криза.
Парите предвидени со усвоениот Буџет, според Владата, се насочени онаму каде ќе дадат најдобар ефект и резултати, а во фокусот е здравјето.
Вкупните приходи на Буџетот се планирани на ниво од 212,6 милијарди денари кои се за 8,3 отсто повисоки во однос на вториот Ребаланс 2020 година, додека расходите се планирани на ниво од 247,5 милијарди денари или за 2,1% пониско во однос на вториот Ребаланс 2020 година. Проектираниот дефицит за 2021 година е 34,9 милијарди денари, од кој отплата по основ на главница на надворешен долг е во износ од 37,2 милијарди денари и отплата на домашен долг во износ од 6,1 милијарди денари кои ќе се финансираат преку задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност. Отплатата на главница по основ на надворешен долг го вклучува редовното сервисирање на обврските по надворешниот долг, додека отплатата на домашен долг ги опфаќа: отплати на државни обврзници во износ од 4,7 милијарди денари и отплата на структурни обврзници во износ од 1,4 милијарди денари.
Министерот за финансии Фатмир Бесими во образложението на државната каса за догодина, рече дека Буџетот е реален, ги лоцира приоритетите и ги алоцира средствата на граѓаните онаму каде што ќе дадат најдобар ефект и резултати.
За опозицијата, Дополнетиот предлог-буџет нема да ги даде очекуваните резултати. Нема да донесе подобро здравство, пофункционално образование, изградба на патишта и железници и реализација на проекти со кои ќе се поттикне економскиот раст. Според опозицијата, ќе продолжат и задолжувањата и непродуктивните трошоци.
