Инвестиции

Добрите рангирања – препорака пред странските инвеститори

16.03.2014 17:12

Форбс, Дуинг бизнис на Светска банка, извештајот на Фајненшл Тамјс или на Волстрит журнал – Македонија во континуитет бележи одлични резултати во рангирањата кои доаѓаат од разни реномирани меѓународни институции. Подобро стоиме од земјите од регионот, но и од повеќето земји од Европа. Колку ова може да ни помогне во привлекувањето странски инвестиции – анализа на МТВ...

Според поволностите за водење бизнис, Светска банка во својот извештај не смести на 25-то место од 189 земји. За истото, „Форбс“ не рангираше како 36-ти од 145 држави. Според индексот на економски слободи, фондацијата „Херитиџ“ и „Волстрит журнал“ не позиционираа на 43-то место од 184 земји. ФДИ магазинот на „Фајненшл тајмс“ неколку градови и региони во Македонија ги прогласи како најдобри бизнис – дестинации. Дали овие рангирања можат да бидат асот во ракавот на земјава, во привлекувањето странски инвеститори?

Анализите од вакви реномирани институции се многу значајни, но факт е дека странските инвеститори доаѓаат по повисок принос од оној што можат да го остварат дома. Сè она што значи обезбедување на поволни услови за тие да го направат тоа, да ги материјализираат своите очекувања, ќе значи и подинамичен влез на странски директни инвестици. Политиката мора да биде на привлекување на СДИ“, изјави Зоран Ивановски, универзитетски професор.

Македонските власти тврдат дека овие рангирања се од големо значење, пред сè кога треба да се настапи пред некој потенцијален инвеститор. Таков беше случајот минатата недела, кога германска компанија ги скенираше локациите кои беа посочени како најатрактивни во извештајот на “Фајненшл тајмс„.

„Самото тоа што овие градови и региони се највисоко рангирани во Европа, ќе ни даде дополнителен импулс во презентирањето на инвестициските можности на државата“,  изјави Виктор Мизо, директор на ДТИРЗ.

Во изминатиов период, Македонија го континуитет бележи високи оценки за добрата деловна и инвестициона клима, атрактивниот даночен пакет, намалената бирократија и леснотија за водење бизнис.

 

Мартин Пушевски