Расте бројот на странски студенти во Штип

16.03.2014 17:16

На течен македонски јазик не поздравува 29 годишниот Марк Зраика од Германија, студент на четврта година на Медицинскиот факултет во Штип. Поради високата цена на студирање во Германија, барал алтернатива во некоја од европските земји. Го одбрал Штип и како што вели, не згрешил...

Во германското списание за медицина „Виа Медици“, студентот по медицина на универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип,  Марк Зраика, пишува за високиот квалитет на студиите и професорите, кои по потреба на странските студенти, испитите ги организираат на англиски јазик. Неговите импресии го привлекоа вниманието на домашната јавност, но и на чителите во Германија, кои побарале од Марк детали за студирањето. Го сретнавме Марк и неговите колеги на факултетот во Штип.

На течен македонски јазик не поздравува 29 годишниот Марк Зраика од Германија, студент на  четврта година на Медицинскиот факултет во Штип.  Поради високата цена на студирање во Германија, барал алтернатива во некоја од европските земји. Го одбрал Штип и како што вели, не згрешил.

„Овдешните професори имаат висок квалитет на образование, ни даваат добро практично знаење и повеќето од нив се дел од меѓународни организации како УНИЦЕФ, СЗО“, вели Зраика.  

Марк ова го пишува во време кога се поголем е бројот на доктори од Македонија кој сакаат да заминат на работа во Германија.  

„Малку е смешно што сите тука сакаат да одат во Германија. Од друга страна многу мои колеги од Германија поради високата цена на студирање одат во Унгарија, Хрватска, Словенија, Србија. Но, не е важно каде студираш, туку што добиваш од студиите“, додава Зраика.

Со вакво убедување е и Мери Крисостомиду од Грција. Поради актуелната економска криза Мери дури размислува за работа во Македонија, каде се поголем број Грци доаѓаат на лекување.

„Не знам уште, но има големи можности да се работи тука или во Грција... зависи каде ќе ми биде подобро, каде ќе има подобри можности за мене, каде повеќе ќе ми одговара. Ми одговараат и двете држави“, изјави Мери Крисостомиду, студент по медицина од Грција.

Марк и Мери се дел од тристата странски студенти, кои студираат на универзитетот Гоце Делчев. Колку јазикот може да биде пречка, особено што се работи за студии на медицински науки?

„Она што го гледаат во клиничката настава е нешто што се изведува исклучиво на македонски јазик и тие сакале или не, мораат тоа да го знаат“, вели Рубин Гулабовски, Декан на Медицинскиот факултет во Штип.

Од следната студиска година штипскиот универзитет воведува студии на медицина на англиски јазик, за што веќе се избрани професори од докторати од познати светски универзитети.

 

Весна Коловска