Заев ги претстави проектите од владината „Акција 21- за европски стандарди дома“
Премиерот Зоран Заев ги претстави проектите од владината „Акција 21- за европски стандарди дома“ што почнува да се реализира. Вклучени се 10 приоритети, а прв на листата е прочистувањето на правосудството. Заев најави дека на пролет почнува и ЕУ мониторингот на судските случаи од висок профил- околу 50 предмети годишно, во кој ќе учествуваат стручни лица од странство и домашните експерти ангажирани од ЕУ и ОБСЕ...

„Акцијата 21 за европски стандарди дома“ има 10 приоритети за кои премиерот Заев вели дека имаат за цел државата да го продолжи европскиот пат, подготвени во секој момент да се почне со преговорите за полноправно членство. Приоритетите опфаќаат од прочистување на судството, борба против корупцијата, енергетика, инфраструктурата, пописот, до гасификација, животна средина и одгледување на марихуана како приоритет.
Без разлика што ЕУ испрати лош сигнал за проширувањето, како држава, како влада, и како народ, остануваме посветени на истиот стратегиски колосек. Добрососедски односи, учество во НАТО и полноправно членство во Европската унија, наведе премиерот. По бурните реакции дека историјата во основното образование ќе се учи со географија, премиерот вели тоа не значи и укинување на предметите, но најави дебата по ова прашање.
Десетте приоритети од „Акција 21 – за европски стандарди дома“ се принципите и нашата заложба кои ќе не водат во наредната година. Нивното исполнување ќе биде наш мотив да работиме и да продолжиме до крајот на мандатот на владата со спроведување на европските стандарди - рече премиерот Заев уверувајќи дека Европа дома води кон подобар живот за секој македонски граѓанин.
Миле Ристески
