Забрана за летови до и од Британија поради мутацијата на вирусот
Откако беа откриени вакви случаи и во неколку други европски земји, дел од нив ги прекинаа воздушните линии со Обединетото Кралство. Франција го блокираше и сообраќајот преку Ла Манш.

Вонредни состаноци во Брисел и во Лондон поради мутираниот вид на ковид-19 кој станува доминантна варијанта во Англија. Откако беа откриени вакви случаи и во неколку други европски земји, дел од нив ги прекинаа воздушните линии со Обединетото Кралство. Франција го блокираше и сообраќајот преку Ла Манш.
„Пораката е едноставна, направете ПЦР тест. Како што рече премиерот, тоа е предулов за враќање доколку се организираат возови, траекти, авиони“, изјави Клемент Буон, министер за надворешни работи на Франција.
„Не сум загрижена, нормално ми е ова, знам дека овие работи мутираат. Лошо е што е пред Божиќ, но јасно ми е зошто владата донесе ваква одлука.“
„Ако се убедени дека е побезбедно за граѓаните, тогаш одлуката е правилна. Од локалната политика зависи. Не можам јас да судам.“
„Мутираниот ковид-19 се пренесува 70% побрзо од првичната, но не е посмртоносен од првичниот вид“, тврдат здравствените власти. Од европските регулатори се очекува препорака за дозвола за користење на вакцината на „Фајзер“ во сите 27 земји-членки. Во тој случај, по официјалното одобрување од Европската комсиија в среда, дистрибуцијата на производот би можела да почне уште наредниов викенд.
„Вакцината би требало да биде ефикасна и против мутираниот вид. Сите вируси мутираат постојано. Па и луѓето се менуваат постојано, се репродуцираме на секои 25 години, а вирусот го прави тоа за неколку минути и така произлегувааат нови видови. Мислам дека не треба да сме посебно загрижени за ова“, изјави Сер Марк Волпорт, поранешен владин советник за наука.
Над 77 милиони лица се заразени со ковид-19 на глобално ниво. САД, Бразил и Индија повторно на врвот на листата. Бројот на смртни случаи во светот достигна речиси 1,7 милиони лица.
Маја С. Филдишев
