Дипломатија

Османи: Подготвени сме за почеток на преговорите со ЕУ

21.12.2020 15:32

Министерот за надворешни работи Бујар Османи се сретна со неговиот австриски колега, Александар Шаленберг и со министерката за ЕУ, Каролин Едштадлер. Шефот на австриската дипломатија јасно го изрази своето големо разочарување откако нашата држава не ги отвори пристапните преговори како што било очекувано...

„Свесни сме- процесот е сложен, не е едноставно да се постигне консензус и ние не се откажуваме, напротив, постојано јавно кажуваме дека сме подготвени и натаму да работиме посветено и на реформите, и на добрососедските односи, и на сите предизвици кои ќе се појават – сѐ до нашето полноправно членство во ЕУ“, истакна Османи на средбата со својот австриски колега Шаленберг во Виена, притоа укажувајќи на силната подршка на Австрија за одржување на првата меѓувладина конференција до крајот на годинава.

„Нема сомневање дека ние сме и бевме подготвени за почеток на пристапните преговори, и нема сомневање дека секое одложување навистина е грешка. Треба да кажеме дека ние ова им го должиме на нашите граѓани, но исто така имаме обврска да го сочуваме кредибилитетот на Европската унија на Балканот, како и довербата на Балканот во Унијата и обратно“, нагласи министерот за надворешни Османи.

Шефот на дипломатијата на Австрија, Шаленберг јасно го изрази своето големо разочарување откако нашата држава не ги отвори пристапните преговори како што било очекувано.

„Од наша перспектива билатералните и историските прашања треба да бидат разделени од ЕУ процесот. Сакам да кажам дека процесот на проширувањето значи процес на европеизација, а не на билатерализација, и така треба да биде. Тоа беше наша позиција и за време на отворениот спор за името со Грција. Вие од ваша страна направивте сѐ што треба и сметам дека е фер што поскоро да се почнат преговорите“, изјави шефот на австриската дипломатија, Шаленберг.

На средбата министрите ги отворија и темите од билатералната соработка, реафирмирајќи го притоа фактот дека двете земји имаат поставено основи за стабилно и долгорочно пријателство.

Австрија е последна земја од минитурнејата на Османи низ земјите членки на ЕУ од поширокото соседството на Западниот Балкан, во рамки на која претходно ги посети Чешката Република, Романија и Унгарија.

Марина Стојанова- Тонева