Нема одземање на Б интегрираната дозвола на компанијата „Санс- АГ“
Забрана за работа и рок до 90 дена да ги исполни сите услови предвидени со еколошката дозвола има компанијата „Санс- АГ“ од Штип, одлучи Државниот инспекторат за екологија. Доколку техничките недостатоци не бидат отстранети, Општина Штип ќе ја одземе Б интегрираната дозвола на загадувачот...

По преставка од страна на Министерството за одбрана да се утврди влијанието врз околината и лицата во воените објекти стрелиште „Пенуш“ и полигон „Криволак“, извршен е вонреден инспекциски надзор на компанијата за преработка на отпадни гуми и пластика „Санс- АГ“ Штип.
Во ниту еден аспект не се применуваат одредбите утврдени со Б интегрираната дозвола – информираат од Државниот инспекторат за животна средина од каде издадоа забрана за работа на компанијата и рок до 90 дена да ги отстрани недостатоците во поглед на постапката за топење на пластиката и складирање на производите. Постапка за контрола за исполнување на техничките прописи покрена и општина Штип.
Објектот се наоѓа на осум ипол километри од Штип, во поранешна база на КФОР. На оваа локација работи три години, редовните мерења на воздухот до сега биле без индикации на загаденост. Сопственикот на компанијата демантира дека воздухот го загадува со канцерогени материи како што стои во извештајот на Државниот инспекторат. Вели дека технички пропусти има во складирањето на суровината, а проблемот настанал со нивното долгото стоење бидејќи заради корона кризата не успеал да ги извезе во Грција. Последен пат погонот работел во март годинава.
Славица Величковска
