Метеж пред банките, мерките не се почитуваат

23.12.2020 12:43

Бројот на новодијагностицирани и хоспитализирани е во благо опаѓање, но и покрај апелот од здравствените власти да нема групирања, пред банките редици граѓани чекаат да ја добијат државната помош од четвртиот пакет. На мерките за заштита речиси и да не се внимава, регистрира нашата камера во Куманово...

Редици граѓани чекаат пред филијалите на банките да ја добијат финансиска помош од 6.000 денари, која е дел од четвртиот економски пакет. Иако здравствените лица постојано апелираат на почитување на препораките за заштита од коронавирусот, односно држање задолжителна дистанца, пред овие објекти може да се забележи дека не се внимава на мерките. Дел од граѓаните кои што ги прашавме велат дека мора да чекаат бидејќи им требаат овие средства. Дополнуваат дека не знаат до кога е рокот за подигање на средствата.

„Катастрофа еве трет ден доаѓаме, не можеме да дојдеме на ред. Не знам како да се заврши работа, има пуштено пари, чекаме на тие пари да ги земеме не знаеме дали ќе можеме да ги земеме сега дали ќе треба да се продолжи“, вели една кумановка.

„Гледаме не се почитуваат воопшто мерките, нема дистанца, нема почитување два метри, нема ниту половина метар“, додава нејзин сограѓанин.

„Катастрофа не е убаво ова, не знам нема ниту мерки, ниту растојание.“

„Чекаме  да добиеме некој денар, но нема“, велат граѓаните што ги анкетиравме.

Со проектот „Купувам домашно“, надлежните очекуваат дека ќе се поттикне домашното производство.

Мерката која што се реализира по втор пат, има за цел да им помогне на оние категории граѓани кои претходно не беа опфатени со оваа помош. Управата за јавни приходи ќе има задача да утврди далина кој начин, односно за каква намена, ќе се искористат овие средства.

Со четвртиот сет економски мерки, финансиска помош од 6.000 денари од државата ќе добијат самохрани родители, деца без родители, дел од пензионерите, пасивните баратели на работа и уметниците. Со мерката треба да се опфатат близу 300 илјади лица, за кои од буџетот се обезбедени 27,6 милиони евра.

 

Елена Георгиевска