КОВИД-19

СЗО на состанок за стратегија против мутираниот вид

23.12.2020 13:33

Светската здравствена организација на нова средба за утврдување на стратегијата, со која ќе се бори против мутираниот вид на Ковид-19. Европската унија официјално го одобри користењето на вакцината на „Фајзер“ во сите 27 земји- членки, со цел побрзо да се ограничи ширењето на коронавирусот...

Светската здравствена организација на нова средба за утврдување на стратегијата со која ќе се бори против мутираниот вид на Ковид-19. „Ограничувањата на патувањата се паметна одлука сè додека не добиеме повеќе информации“, напиша на Твитер регионалниот директор Ханс Клуге и побара заострување на превентивните мерки.

Состаноци за воведување на нови рестрикции поради сега веќе доминатната варијанта на вирусот и во Британија. Педесетина земји одлучија да го запрат сообраќајот со Обединетото Кралство поради зголемениот број случаи на заразени во Англија со оваа мутација.

На британското пристаниште во Довер, возачите на камиони, кои со денови чекаа во километарски колони, го загубија трпението и се судрија со полицијата и покрај реактивирањето на сообраќајот со Франција. Лондон и Париз се договорија да се укине забраната за патување и повторно да дозволат движење, но само доколку биде приложен негативен тест за Ковид-19.

„Овде сум повеќе од 12 часа, сите возачи чекаа два-три дена. На сите ни е доста. Вчера ни рекоа дека ќе почнеме да се движиме во 6 часот наутро, па на полноќ, само нè лажат. Немаме храна, немаме тоалет. Сигурен сум дека сето ова е поради Брегзит. Во Франција стигнувавме за 20-25 минути.“

„Сите сме лути, Франција направи проблем. Сакаме да си одиме дома. Во автомобилите на трактите има и деца, и бремени жени.“

„Поверив на интернет. Не постојат пунктови каде што може да ви направат тест од автомобил. Ги оставија луѓето заробени на аеродромите. Како затвореници да се, противзаконски е тоа.“

Европската унија веќе официјално го одобри користењето на вакцината на „Фајзер“ во сите 27 земји-членки со цел побрзо да се ограничи ширењето на коронавирусот. Во регионов, со вакцинирање утре почнува и соседа Србија.

Маја С. Филдишев