Набавка на вакцини против Ковид-19 преку повеќе инструменти
Преговорите за директна набавка на вакцината против Ковид-19, како што истакнаа вчера од Владата, се во тек. Тие посочија дека не чекаат само на донаци, туку ги користат сите инструменти за навреме да се набават вакцините.

Здравствените работници се првата категорија граѓани кои ќе ја примат вакцината против Ковид-19, кога таа ќе биде достапна. Став на Владата е дека по нив на ред ќе бидат хронично болните, возрасните граѓани, вработените во градинките и другите на приоритетната листа.
Преговорите за директна набавка на вакцината против Ковид-19, како што истакнаа вчера од Владата, се во тек. Тие посочија дека не чекаат само на донаци, туку ги користат сите инструменти за навреме да се набават вакцините.
Според најавите, досега се обезбедени вакцини за околу 400.000 граѓани кои е предвидено да пристигнат во првите месеци на 2021година. Освен сопствениот ангажман за набавка на вакцините против коронавирусот, Македонија, доби ветување од соседните држави, Бугарија и Грција, кои се дел од ЕУ, дека ќе и бидат доделени вакцини во вид на донација. Но, не е прецизирано кога тоа ќе се случи.
Изминатиот период според дневните статистики се забележува намалување на бројот на новозаразени. Но, и понатаму најголемиот број на новозаразени и активни случаи е во Скопје.
Последните бројки на новозаразени и оздравени беа скоро изедначени, односно од 2.510 направени тестови вчера позитивни биле 627 лица, додека во исто време како оздравени се регистрирани 644 пациенти. Како последица од Ковид-19 според статистиката, вчера починаа 14 лица.
Во ковид-центрите низ Скопје, според вчерашните податоци на Министерството за здравство, се хоспитализирани 476 лица сомнителни и потврдени со Ковид -19.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 79.815, бројката на оздравени пациенти е 56.743, на починати е 2.354, а бројот на активни случаи изнесува 20.718.
