Собрание

Османи реферираше пред членовите на Комисијата за надворешна политика

24.12.2020 14:34

Никогаш не сме преговарале за македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Тоа се црвени линии- шефот на дипломатијата Османи реферираше пред членовите на Комисијата за надворешна политика за остварувањата во дипломатијата и за евроинтеграциите. ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност бидејќи Македонија и натаму останува во чекалната на ЕУ...

Нерешените прашања со Бугарија предизвикаа неуспех за усвојување на преговарачката рамка и почеток на преговори на земјава со Европската унија, соопшти шефот на дипломатијата Османи во извештајот во собраниската Комисија за надворешните работи.

Соопшти дека досега се разменети многубројни предлог меморандуми, нон- пејпери и декларации за изнаоѓање решение на недоразбирањата со Софија. Истакна дека и наредната година приоритет ќе бидат разговорите со Бугарија, но нагласи дека ќе се инсистира на спроведување на договорот за добрососедство, без нарушување на црвените линии за македонскиот идентитет и јазик.

Претседателот на собраниската комисија Милошоски, праша дали покрај Бугарија има и други земји- членки кои се противат на проширувањето на унијата, иако министерот Османи наведе во извештајот дека сите останати 26 земји- членки се за почеток на преговорите со Северна Македонија.

Османи е оптимист дека недостига уште малку до решение на недоразбирањата со Бугарија и дека со поинтензивни контакти по празниците, можно е во почетокот на идната година да се одржи првата меѓувладина конференција.

 

Ирина Гелевска