Католиците и дел од православните го слават Раѓањето Христово – Божик

25.12.2020 09:54

Католичките верници и дел од православните го чествуваат Божик. Поради пандемијата празникот се одбележува без големи семејни собирања. Во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ се одржа свечена литургија...

Католичките верници и дел од православните христијани, кои се водат според Грегоријанскиот календар, денеска го одбележуваат Раѓањето Христово – Божик. Традиционално, во државава централната прослава по повод празникот се одржа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде синоќа имаше божикна света литургија.

На литургијата присуствуваа претседателот Стево Пендаровски со сопругата Елизабета Ѓоргиевска, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, како и помал број верници во однос на изминатите години согласно протоколите за заштита од Ковид-19.

Внатре во катедралата имаше определен број свештени лица и верници, а надвор во дворот беше поставен видео бим со цел верниците кои не можеа да влезат внатре да ја следат литургијата. Задолжително беше носењето маски и одржувањето потребно растојание меѓу присутните.