Занаетчиите добија поддршка за справување со кризата

25.12.2020 12:53

Со кофинансирање на трошоци направени за набавка на репроматеријали, државата им помага на занаетчиите, полесно да се справат со ковид кризата. Вкупно 225 занаетчии на ниво на државата добија субвенции во рамки на оваа мерка, информира Занаетчиската комора.

Вкупно 225 занаетчии на ниво на државата добија сувенции во рамки на јавниот повик на Министерството за економија, како дел од мерките за поддршка за справување со ковид-кризата, информираат од Занаетчиската комора. Од кумановската регионална занаетчиска комора која што покрива шест општини, ваква помош добиле 29 лица. Мерката предвидува кофинансирање на трошоци направени за набавка на репроматеријали, до 60 проценти од бараниот износ и максимални 60.000 денари по апликант.

„Се ова мислам дека добро ќе влијае во оваа состојба, бидејќи знаеме дека е пандемија, занаетчиите немаа воопшто работа оваа година и мислам дека ќе помогнат овие средства на нивниот буџет“, изјави Агрон Фазли, претседател на Занаетчиска комора.

Од комората укажуваат дека во рамки на Програмата за конкурентност, претприемништво и иновации за наредната година се предвидени вкупно 6 милиони денари, за субвенционирање на трошоци за набавка на опрема, алати и уредување на деловен простор. Оттаму посочуваат и дека во четвртиот пакет мерки се предвидени безкаматни кредити, но и намалување на ДДВ-то.

„Четвртата мерка што е многу значајна е намалувањето на ДДВ-то, кое ќе почне од први идната година. ДДВ-то ќе се намали од 18 на 5 проценти за занаетчиските услуги или производи. Таа мерка ќе влезе од први јануари 2021 година. Во сите мерки досега занаетчиите беа вклучени“, истакна Фазли.

Од Занаетчиската комора истакнаа дека активно ќе ја следат состојбата со занаетчиите, и навремено ќе реагираат, со цел што полесно да ја надминат кризата.

 

Елена Георгиевска