Разрешена судијка поради нестручно постапување
Судскиот совет ја разреши судијката Весна Кичеец поради нестручно и несовесно работење во случајот со убиеното момче во Охрид во 2016-та. Судијката најави жалба и тврди дека нема никаква вина...

Судскиот совет ја разреши судијката Весна Кичеец, за случајот на Димитар Матилоски од Охрид, момчето кое беше убиено на Новогодишната ноќ во 2016-та година од српскиот турист Бојан Угреновиќ.
Советот утврдил нестручно и несовесно работење и затоа од вчера ѝ забранува да суди. Во конкретниот предмет со Матилоски, одолговлекувањето на постапката, му овозможи на главниот осомничен да се брани од слобода и тој избега од земјава.
Семејството на убиеното момче во целиот судски процес алармираа за низа пропусти.
„Случајот со мојот брат беше премногу развлечен. Сепак благодарни сме како семејство што со пресудата на Врховен суд се врати зрак верба во судството, но нас како семејство ништо не може да ни ја надомести болката од загубата, уште повеќе што факт е дека убиецот е на слобода, а до овој момент не е распишана меѓународна потерница“, вели Цветанка Матилоска- Пешиќ сестрата на Димитар.
Судијката најави жалба, вели нема никаква вина за исходот од случајот.
„Првата моја одлука за Угреновиќ е донесена само по месец и половина од добивање на предметот, по признание на вина изречена му беше казна од 16 години. За Апелација- Битола казната беше висока, ја укинаа и покрај тоа што остануваа помалку од 4 месеци до максиналниот рок за притвор. Повторно ја донесов истата одлука, Апелација ја намали на 8 години. Врховен ја преиначи нивната и изрече повторно 16 години. Навистина незнам каде е мојата вина“, одговори Кичеец во телефонска порака.
Адвокатското друштво Мујоски, застапници на оштетените, немаат забелешки за судењето на Кичеец, целата вина за случајот со Матилоски ја лоцираа во Битолска Апелација, која два пати ја намали казната на обвинетиот Угреновиќ.
26- годишниот Димитар Матилоски беше претепан на смрт на Новогодишната ноќ во Охрид пред пет години. Убиецот, српскиот турист, Угреновиќ од Кралјево, беше ослободен од притвор во јули 2017 година од тогаш му се губи секаква трага.
Соња Рилковска
