БРЕГЗИТ

Брисел и Лондон постигнаа трговски договор

25.12.2020 13:41

Брисел и Лондон постигнаa времена согласност за трговијата по Брегзит. Северна Ирска и Шкотска со различен став. Лондон ја напушта Унијата на 31-ви декември...

Амбасадорите на земјите- членки на ЕУ на божиќен состанок за анализа на трговскиот договор по Брегзит. По макотрпните маратонски преговори, Брисел и Лондон конечно ги усогласија ставовите и постигнаа привремена спогодба за слободна трговија. Со договорот ќе се избегне хаос на границите, а на компаниите ќе им се даде одреден степен на сигурност.

За прв пат од 1973 година ќе бидеме независна држава со целосна контрола на нашите води. Понекогаш дискусиите со европските пријатели беа жестоки, но верувам дека ова е добар договор за цела Европа“, изјави премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон.

Во Брегзит нема победник, во разделбата губат двете страни, особено во овие времиња. Светот е опасен и нестабилен и треба да сме обединети“, рече Мишел Барние, главен европски преговарач за Брегзит.

Мнозинството Британци оптимисти околу иднината на земјата.

Ова е добра вест зашто народот сакаше сигурност во 2021 година. Имаме добри вести.

Се надевам дека не направија премногу отстапки околу правата за риболов, но некаде мораше да се направи компромис.

Задоволство од напредокот во преговорите со Брисел и на ирскиот остров. Шкотска со поинаков став. Политичкиот врв и натаму инсистира на нов референдум за осамостојување кој би им овозможил повторно да се вратат во ЕУ.

Три години живеев во Данска и Европа ми е драга. Уживав што можев да патувам и студирам бесплатно таму, што бев дел од Унијата. Имав одлично искуство и штета е што Британците нема да можат во иднина да го прават тоа.

Јас сакам Шкотска да остане дел од блокот. Така ќе гласам. Ќе се изјаснам за незвисност и повторен влез на Шкотска во ЕУ.

Го мразам Брегзит. Мислам дека е голем чекор наназад. Паметам како се живееше пред да влеземе во ЕУ, и паметам како работите почнаа да се подобруваат од секој аспект.

Обединетото Кралство ги напушта економските структури на Унијата на 31 декември, една година откако се збогува со 27-члениот блок. Пратениците треба да го видат целосниот текст на договорот пред гласањето во Парламентот на 30 декември. Ратификацијата во Европскиот парламент веројатно ќе се случи во новата година. Досега од документот се објавени 34 страници со најважните точки.

 

Маја С. Филдишев