Ќе биде ли Охрид преместен во листата на УНЕСКО- Светско наследство во опасност?
Македонските институции во периодот по посетата на реактивната мисија на УНЕСКО, наместо максимално да го искористат за спроведување на препораките, тие времето го губеа за прикривање на вистинската слика поради што Охрид во најновиот извештај на мисијата најверојатно ќе биде преместен на листата на светско наследство во опасност. Ова е ставот на невладиниот сектор, додека од охридската локална самоуправа велат дека направиле колку што биле можностите, за да се санира нешто што се уништувало повеќе децении...

Извештајот на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО во однос на почитувањето на нивните препораки е подготвен, но најверојатно ќе биде објавен во јануари. Невладините организации очекуваат во него да бидат инкорпорирани сите нивни забелешки и регеонот да биде преместен на Листата на светско наследство во опасност. Велат дека тоа е реално поради степенот на уништување на природното и културното наследство и лежерниот однос на државата, надлежните институции и општините.
„Ние наводното справување со дивоградбите го сметаме за тактичко однесување, за политичка одлука која беше и временски пред изборите тактизирана, сега отпосле гледаме дека ништо не се случува. Значи во Македонија се работи кампањски, не се работи искрено, не се работи сеопфатно, не се работи во корист на јавниот интерес, се работи исклучиво за лична корист, за некакви ситни финансиски и политички поени“, изјави Драгана Велкоска, Охрид-СОС.
Од охридската локална самоуправа велат дека дел од препораките се реализирани меѓу кои се издвојува повторното функционирање на колекторскиот систем, но дека со некои се доцни меѓу кои се издвојуваат нецелосното справување со дивоградбите, решавањето на проблемот со депонијата „Буково“, носењето урбанистички планови и слично.
„Јас безброј пати сум кажал во сите наши разговори и изјави дека статусот на Охрид во УНЕСКО никогаш не бил во прашање. Прашањето сега е дали Охрид ќе остане како членка запишан во Листата на УНЕСКО, меѓутоа ќе биде ставен на таа листа во опасност, што значи дека ние поажурно и посовесно ќе мора да пристапиме кон решавање на проблемот“, вели Константин Георгиевски-градоначалник на Охрид.
Што се однесува до Струга од Охрид-СОС посочуваат дека таму се однесуваат како да се работи за некоја автономна зона и дека не спровеле ниту една препорака. Поради тоа и непочитувањето на законите тие бараат санкционирање на градоначалникот.
Сашо Нелоски
