Вардарки го совладаа Савехоф за пласман на „Фајнал фор“

16.03.2014 22:52

Триумфална завршница на Вардар СЦБТ во последниот натпревар од главната фаза на ЛШ. Го совладаа Савехоф со 24 :18 го освоија првото место во четвртфиналната група, и во својот дебитантски настап во елитното натпреварување се пласираа на Фајнал фор во Будимпешта. Во мечот со шведскиот шампион иако знаеја дека по победата на Митјиланд над Турингер им е доволен и бод, Вардарки почнаа максимално мотивирани уште во раната фаза да дојдат до резултат, со кој предвреме ќе го решат победникот.

Триумфална завршница на Вардар СЦБТ во последниот натпревар од главната фаза на ЛШ. Го совладаа Савехоф со 24 :18 го освоија првото место во четвртфиналната група, и во својот дебитантски настап во елитното натпреварување се пласираа на Фајнал фор во Будимпешта. Во мечот со шведскиот шампион иако знаеја дека по победата на Митјиланд над Турингер им е доволен и бод, Вардарки почнаа максимално мотивирани уште во раната фаза да дојдат до резултат, со кој предвреме ќе го решат победникот. Молневито стартуваа со серија од 3 гола за две ипол минути, која ја претворија во 6:0 во 9 минута. Но, тогаш застанаа и потсетија на лошото прво полувреме против Митјиланд и второто со Турингер на гостувањата. Во следните десет минути му дозволија на Савехоф за се разбуди, а потоа и да фати приклучок, па со серија од 5 гола Швеѓанките намалија на 6:5. Бодрени од исполнетите трибини се вратија со 3:1 за 9:6 и на полувремето заминаа со предност од 11:9, со погодокот на Пино во последните секунди.

Второто полувреме почна со серија од три гола за гостинките, кои првпат дојдоа до водство во првите 4 минути. Како да требаше да се запали црвеното светло, па вардарки конечно да заиграат како што знаат. Набргу израмнија, па ја вратија предноста, која од минута во минута беше се повисока. Во средишницата од вториот дел направија серија од 4:0 за 19:13, што беше враќање на почетното водство, кое поучени од претходното искуство веќе не го испуштија. Не дозволија нов кризен период и до крајот одиграа за верната публика, која ја имаше во рекорден број сезонава, близу 7.000 на трибините во Борис Трајковски. Андреа Лекиќ постигна 7 гола, по 4 придодадоа Радичевиќ, Пино и Хмирова, а на голот блескаше Ина Суслина со 20 интервенции. Кај екипата на Савехоф која чесно се прости од ЛШ, на ниво на Суслина беше Бундсен а во нападот најефикасна беше Робертс со 6 погодоци. ЖРК Вардар СЦБТ потсети на славните денови на Кометал Ѓорче Петров од претходната деценија во која беа европски шампиони во 2002 година, а уште двапати играа во финалето. Завршниот турнир на 4 најдобри клубови во Европа ќе се одржи на 3 и 4 мај во салата Ласло Пап во Будимпешта. Противник на македонскиот шампион во 1 /2финалето е црногорскиот првак Будуќност од Подгорица, кој го освоио второто место во групата 2. Прв е актуелниот европски првак унгарскиот Ѓер, кој вечерва славеше над Ларвик 31 :29 и во второто полуфинале ќе игра против данскиот Митјиланд.