Мицкоски сведочеше за „27-ми април“
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски сведочеше во Кривичниот суд за „27-ми април“, на рочиштето за организаторите на собраниските настани. Тој рече дека никој од ВМРО-ДПМНЕ не ги организирал протестите, кои биле самоорганизиран револт на граѓаните од актуелните политички случувања. Истакна дека и тој бил дел од тие протести против погрешните политики...

Народот се саморганизираше поради погрешните политики. Протестите на „Заедничка Македонија“ кои кулминираа со упад во Собранието на 27-ми април не биле организирани, тврдеше во своето сведочење пред судот лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски. Повикан од одбраната, тој како тогашен член на Извршниот комитет на партијата сведочеше дека во партиските органи тогаш немало разговори ниту организирање на протестите од членови на партијата. Учествувал како граѓанин за да протестира само кога имал време. На 27-ми април ја видел толпата, дошол пред Собрание, не влегол внатре, по што си заминал.
Претходно во судницата на прашањето на обвинителката Рускоска дали додека протестирал пред Собранието имал намера да влезе внатре, тој кратко одговори „немав намера да влегувам во Собранието“.
Во своето сведочење истакна дека бил и советник на тогашниот премиер Груевски, а вели дека дента не се слушнал со него. Тој на новинарите им објасни дека сакал малку ведрина да внесе во сдуницата па на прашањето дали е скаран со некого од обвинетите одговорил, како што рече, „вицкасто“.
Сведочеа беа и поранешни владини функционери. Владимир Пешевски не даде изјава, а не се појавија Никола Тодоров, Даниела Рангелова и Диме Спасов, иако биле уредно поканети како сведоци на одбраната на обвинетите.
Фиљана Кока
