Итна медицинска помош

Маглата и загадениот воздух ги зголемија интервенциите кај хронично болните

25.12.2020 15:04

Се преполови бројот на интервенции за болни со Ковид- 19, велат од Итната помош. Но, расте бројот на повици од хронично болните со астма, белодробни и срцеви заболувања, на кои маглата и загадениот воздух им го влошува здравјето...

Маглата и студеното време во изминатите денови ја влоши здравствената состојба кај хронично болните. Најмногу страдаат луѓето со астма, белодробни и срцеви заболувања. Овие пациенти, ги зголемија интервенциите во службата за итна медицинска помош. Лекарите велат, во овој период освен хронично болните, особено треба да внимаваат и луѓето кои се изборија со коронавирусот.

„Пациентите кои се повозрасни и се со хронични заболувања и со потешка клиничка слика, особено респираторна потешка клиничка слика, треба многу да внимаваат бидејќи може нагло да дојде до влошување на нивната состојба. Организмот е сѐ уште е во една рековалесценција и треба многу подолг временски период за може да биде се како што треба, во нормала“, изјави д-р Марина Сотировска, раководител на смена во Брза помош.

Последните неколку денови во Итната медицинска помош се преполовени интервенциите кај пациентите болни од Ковид-19. Во една смена интервенирале и кај 60-ина граѓани, дел од нив биле во тешка состојба и ги транспортирале во болница. По деветмесечната борба со коронавирусот лекарите се веќе изморени, повикуваат на почитување на мерките, да се спречи високиот интензитет на заразувањето.

Претстојните празници да ги прославиме во кругот на најблиските – апелираат здравствените работници. Велат, само со почитување на мерките ќе намали ширењето на коронавирусот и ќе се придонесе за побрз излез од здравствената криза.

 

Андријана Атанасовска