Собрание: Кавги на висок тон, скандирање и одолговлекувања
Синоќа собраниската седница поради гасификацијата, од дебатирање премина во скандирање проследено со извици и револтирано тропање на опозицијата, по што спикерот Џафери пред полноќ ги презакажа седниците за денеска. Реагираа Социјалдемократите- опозицијата нема мерка, блокираат закони наменети за ранливите групи...

Кавги на висок тон и одолговлекувања се дел од некои од дебатите во македонското Собрание. Долги дискусии за блокада и поднесувањето илјадници амандмани стануваат рутина во законодавниот дом. На последните две седници, опозицијата обвини дека власта шверцерски сака да донесе закони доцна во ноќта. Тврдат дека со откупот на 50 проценти од сопствеништвото на ГА-МА, владата сака на Макпетрол да му исплати 33 милиони евра што е за над 14 милиони повеќе.
Сведоци сме на обиди за блокади, за деструкции од страна на опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Блокираат важни закони за граѓаните дури и за ранливите категории – вели координаторот на Социјалдемократите, Јован Мицевски. Според него, ВМРО-ДПМНЕ, но и Алтернатива/ Алијанса и Левица биле подготвени да ја остават државата на времено финансирање бидејќи не гласале ниту за носење на буџетот.
Спикерот Џафери на полноќ презакажа две седници за денеска иако претходно ги немаше на собранискиот распоред.
Миле Ристески
