Пандемија

ЕУ започна со масовна вакцинација за Ковид-19

27.12.2020 16:59

Европа во надеж пред почетокот на Новата година. Почна вакцинацијата во сите членки на Унијата. Науката посакува да е откриена формулата за спас на човештвото...

Европската унија почна со координираната вакцинација против коронавирусот. Во Хрватска прва беше вакцинирана штитеничка на дом за стари лица во Загреб. Присуствуваа премиерот Андреј Пленковиќ, министерот за труд Јосип Аладровиќ и директорот на Заводот за јавно здравје, Мирослав Цапак.

Пресреќни сме што нашиот дом беше избран и што јас прва бев вакцинирана. И навистина да почнеме со еден нормален живот наскоро“, изјави штитеничката.

Направивме план кој го усвои Владата поеднаков за сите жупании. Првите дози одат за оние што се најзагрозени и најизложени на вирусот“, изјави хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ.

Грчката претседателка Катерина Сакеларопулу и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис се првите политичари во Грција што ја примија вакцината на Фајзер и Бионтек за Ковид-19. Истакнаа дека ова е одличен ден за науката и за ЕУ.

Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лејен, рече дека вакцините од Фајзер и Бионтек се дистрибуирани до сите 27 земји членки.

Со најголема гордост и големо чувство на одговорност се вакцинирав, мал чин, но фундаментален за сите нас. Денес сум тука како граѓанин, но најмногу како медицинска сестра да ја претставувам мојата категорија и сите здравствени работници кои избраа да веруваат во науката“, вели Клаудија Аливернини, медицинска сестра од Италија.

Пред нас е крај на годината, кој ќе биде многу поразличен од оној на кој сме навикнати. Оваа година со сигурност беше најлошата година во нашата модерна историја. Не само што многу сонародници починаа поради ковид, туку и негативно влијаеше врз сите наши животи. Вакцината е надеж дека ќе можеме да му се вратиме на нормалниот живот“, изјави чешкиот премиер, Андреј Бабиш.

Унгарија, Германија, Словачка, Франција и Шпанија не се придржуваа до договореното и веднаш по пристигнувањето на вакцините ги дадоа првите дози.

Крајната цел е да се имунизираат сите Шпанци, да го победиме вирусот. Тоа е примарната цел на шпанската влада“, изјави Салвадор Илја, министер за здравство на Шпанија.

Ги охрабрувам пациентите да се вакцинираат бидејќи сметам дека е многу важно“, изјави медицинска сестра од Шпанија.

Досега во ЕУ се регистрирани повеќе од 335.000 смртни случаи поврзани со Ковид-19, а повеќе од 14 милиони луѓе беа заразени од вирусот. Низ речиси сите членки на Унијата во моментов се на сила строги мерки за заштита од ширење на вирусот.

Во меѓувреме, Европол излезе со ново предупредување до јавноста за опасноста од понуди за лажни вакцини против Ковид-19 во момент кога повеќето земји ја почнуваат вакцинацијата и побарувачката е голема. Организацијата на почетокот на декември предупреди дека е можно организирани криминални групи да се обидат да продадат лажни вакцини, како и да украдат од резервите вакцини против Ковид-19.

Вакцината ширум целиот свет се дочека со голема радост. Во Израел медицинските лица приредија и мини забава.

 

Марина Ристова