Крим слави!

17.03.2014 09:16

Премиерот на Крим, Сергеј Аксионов соопшти дека уште денес ќе поднесе барање за припојување до Москва...

Граѓаните на Крим гласаа за припојување кон Русија. Резултатите треба да ги и потврди руската Дума. Претседателот Путин телефонски разговарал со германската канцеларка Меркел и и соопштил дека референдумот е во согласност со меѓународното право, особено со делот којшто го одредува принципот на еднаквост и на самоопределба на народот. Неговиот американски колега Обама изјави дека ги отфрла резултатите од референдумот и предупреди дека Вашингтон е подготвен да воведе санкции за Москва поради нарушување на суверентитетот на Украина.

„Ќе бидам многу внимателен за било каква реакција во овој момент. За време на посетата на премиерот минатата недела понудивме да разговараме за ситуацијата на Крим и руските интереси за автономија. Но, тоа бара русите да разговараат со украинската влада во Киев, што е нешто што тие не сакаат да го сторат“, изјави Том Донилон, поранешен советник за национална безбедност. 

Министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ денеска во Брисел ќе ги објават казнените мерки за поединци коишто се одговорни за обид на одделување на Крим од Украина, за што унијата рече дека се коси со меѓународното право. Санкциите ќе бидат насочени кон функционерите на властите во Крим кои учествувале во распишувањето на референдумот, како и кон луѓето од најблиското опкружување на Владимир Путин и ќе вклучуваат забрана за издавање визи и замрзнување на нивните имоти. Во дипломатските кругови се вели дека Велика Британија, Шведска, Полска и група балтички земји заговараат за поостри мерки за Москва, наспроти Холандија, Шпанија и Италија коишто не сакаат да ги ризикуваат тесните економски врски со Русија. Истиот извор додава дека Франција и Германија се некаде измеѓу. 

 

Марина Автовска