МБА: Помошта од 6.000 денари исплатена на над 90 отсто од корисниците

28.12.2020 12:01

Еднократната финансиска помош од 6.000 денари, како дел од четвртиот пакет антикризни мерки, е исплатена на над 90 отсто од корисниците. За останатите да може да се исплати финансиската поддршка потребно е да се направат законски измени со нови подолги рокови...

Еднократната финансиска помош од 6.000 денари, како дел од четвртиот пакет антикризни мерки, е исплатена на над 90 отсто од корисниците. За останатите да може да се исплати финансиската поддршка потребно е да се направат законски измени со нови подолги рокови.

Со цел  успешно реализирање на еднократна финансиска помош од 6.000 денари како дел од четвртиот пакет антикризни мерки, банките максимално ги ставија на располагање своите ресурси и во согласност со  Законот за финансиска поддршка (Сл.Весник 290/20 од 07.12.2020) во краткиот законски рок, до крајот на работното време на 25.12.2020 година вршеа распределување на добиените средства на трансакциските сметки на граѓаните. Во овој краток период успешно беа исплатени над 90 отсто од корисниците на финансиската помош, информираат од Македонската банкарска асоцијација.

Оттаму наведуваат дека банките, како и досега,  подготвени се со сите свои ресурси да излезат во пресрет на проектите од јавен интерес, а посебно на оние кои се наменети за социјално ранливи категории граѓани. Притоа, потенцираат дека секогаш активностите мора да бидат во рамки на законските прописи.

Појаснуваат дека во таа смисла, после истекот на законски дадените рокови, за да се реализира исплатата на  сите граѓани на кои во претходниот законски рок не им е исплатена финансиската поддршка, потребно е да се  направат измени на Законот за финансиска поддршка со цел постоечките рокови, да се заменат со нови подолги рокови.

Како и досега, банките при исплатата максимално ќе се заложат за заштита на здравјето на сите корисници на банкарски услуги, особено на повозрасните граѓани, додаваат од Македонската банкарска асоцијација.