Во ДИК денеска жребување за претседателските избори

17.03.2014 09:22

Утврдената единствена листа на кандидат за избор на претседател на Република Македонија, ДИК најдоцна до утре ќе ја објави во Службен весник...

Во Државната изборна комисија (ДИК) денеска треба да се одржи жребување по што ќе се знае редоследот на претседателски кандидатите на избирачкото ливче за изборите закажани за 13-ти април.
 
Утврдената единствена листа на кандидат за избор на претседател на Република Македонија, ДИК најдоцна до утре ќе ја објави во Службен весник.
 
Кандидати за претседател на државата се Ѓорге Иванов, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“, предложен со потписи од 55 пратеници и 64.961 потпис од граѓаните, Стево Пендаровски од СДСМ кој е поддржан од 38 пратеници, Илијаз Халими, од ДПА, за кого потпис со поддршка дале 12.303 граѓани и Зоран Поповски, кандидат на ГРОМ, поддржан со потписи од 10.585 граѓани.
 
Денеска исто така завршува рокот политичките партии до ДИК да достават барање за запишување, дополнување или бришење на податоци во Избирачкиот список за претседателските избори. По ова барање ДИК треба да донесе решение во рок од три дена, а доколку партијата не е задоволна од него може да поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа по приемот на решението. По тужбата Управниот суд е должен да одлучи во рок 24 часа. ДИК го заклучува Избирачкиот список за претседателските избори најдоцна до 22 март.
 
Изборната кампања за претседателските избори започнува на 24-ти март.