76 години Македонска радио- телевизија
На денешен ден пред 76 години, означен почетокот на Македонското радио. Датумот се смета и за официјален почеток на Македонската радио-телевизија. 20 години подоцна, од зградата во Нерези, емитуван и првиот телевизиски дневник. Годинава фокусот на Ковид-19...

„Зборуе Радио Скопје“- 76 години откога на 28 декември 1944 година, беше означен почетокот на работата на Македонското радио. 20 години подоцна, од студиото во Нерези е емитуван и првиот телевизиски дневник.
Оттогаш јавниот сервис од утро до мрак сите главни премрежја во земјава и во светот ги бележи како на филмска лента. Но, годинава како никогаш досега ковид-пандемијата донесе нови и уникатни предизвици во работата. Создаде поголема потреба за вести-да се одговори професионално, иако состојбата со коронавирусот, од ден на ден се менува.
„Во преден план се секако информациите поврзани со корона кризата, и новинарите се изложени на одреден ризик. Треба да внимаваат на сопственото здравје, да пласираат информации од интерес на граѓаните. Преовладуваше тука и политиката, на некој начин се правеше врска со корона-кризата, функционирањето на државата и политичкиот живот“, вели Милчо Велески, уредник во информативната редакција на МТВ.
Се прават напори програмата да не трпи, гледачите да бидат навреме и точно информирани. Пандемијата сите нè фати неподготвени, но многу брзо успеавме да одговориме на предизвиците, велат уредниците во МРТ.
„Нè затече неспремни, но сметам дека многу брзо успеавме да се интегрираме, да се справиме со предизвикот. Од таа причина многу сум горда што целиот сектор продолжи да си ја работи својата работа“, изјави Мери Попова, уредник на културно- уметничка програма.
„Спортот се најде во еден привремен мораториум, но од наша страна особено сме горди што бевме дел од најголемиот успех досега на Македонската фудбалска репрезентација. Мислам дека тоа е настанот кој побуди најголем интерес во оваа календарска година“, нагласи Драган Николовски, уредник на спортска редакција.
И во време на пандемија не се почувствуваа големи отстапки од програмската шема, а настаните годинава беа покриени под посебни услови.
„Секоја година ја завршуваме со снимање на новогодишна програма, но оваа година не е така. Во моментот ги снимаме интервјуата со главните актери на политичката сцена“, вели Перо Попов, режисер.
На денот на Македонската радио-телевизија благодарници и за оние кои заминуваат во заслужена пензија. Весна Вучиќ четири децении поминала професионална кариера пред микрофонот во Македонското радио. Ја работела професијата што ја посакувала од дете.
„Им посакувам на колегите, на сите вработени во МРТ-поубави услови, многу млади луѓе да го негуваат јазикот, говорот, правоговорот, и да бидиме тоа што отсекогаш сме биле-први и единствени“, нагласува Весна Вучиќ.
На јавниот сервис се емитува програма на девет различни јазици. Новинари, спикери, монтажери, продуценти, режисери, секојдневно, 24 часа на ден, учествуваат во создавањето програма, достојна за национален медиум.
Сунчица Николоска
