Чалгија Саунд Систем: Лајв стрим концерт на албумот Тихувај
Во поинаков формат, но во препознатлив амбиент, Чалгија Саунд Систем поддржани од Министерството за култура вечерва во 19ч за својата публика ќе го изведат во целост албумот “Тихувај” преку лајв стрим концерт којшто можете да го проследите на нивната фејсбук фан страница...
Еден од најавтентичните македонски состави - Чалгија Саунд Систем го негува карактеристичниот етно звук повеќе од една деценија. Својот деби албум “Чалгија саунд систем” бендот го издаде во 2010 и даде нова димензија на традиционалниот звучен израз на “Мори чупи костурчанки”, “Твојте очи Лено мори”, “Дафино вино црвено” и тоа исклучително суптилно и навидум нечујно го збогати изворниот звук со личен печат.
Во јуни 2019-та Чалгија Саунд Систем го издаде албумот “Тихувај”, со авторски композиции кои стилски го задржаа изворното, но раскажаа современи приказни. Албумот беше најавен со видео запис за носечката тема и доби поддршка од Македонската Телевизија како дел од музичкиот магазин Стисни Плеј, а за истиот се подготвуваше и концертна промоција која требаше да се случи на 26.04.2020, но од причини кои популарно се нарекуваат “ново нормално” концертот беше одложен.
Сепак, во поинаков формат, но во препознатлив амбиент, Чалгија Саунд Систем поддржани од Министерството за култура вечерва во 19ч за својата публика ќе го изведат во целост албумот “Тихувај” преку лајв стрим концерт којшто можете да го проследите на нивната фејсбук фан страница.
Концертот ќе се случи во студиото алШар на Ивица Јанкуловски кој со своите креативни капацитети активно придонесува за македонската музика речиси десет години и тоа преку креирање звук за бројни артисти, но и впечатливи музички концепти како на пример Бакарна соба.
Чалгија Саунд Систем негува традиција на концерти во овие празнични денови, а овој пат иако во поинакви околности, со голем ентузијазам го очекуваат настапот и како што велат за МРТ — оваа нова нормалност, за разлика од концертните сали, остава простор за неограничен број љубители да уживаат во изведбата во живо на албумот “Тихувај” и тоа од топлината на своите домови. Во оваа музичка приказна како специјален гостин ќе им се придружи и диригентот и виолинист Ерхан Шукри.
Бидете таму!
