Агрометео: Благата зима поволна за земјоделството
Иако е веќе зима сѐ уште има поволни временски услови за земјоделството. Релативно високите температури за овој период од годината ќе им овозможат на градинарите да ги извршуваат активностите за зимското и расадничкото производство. Овоштарите, пак, можат да продолжат со подигнување на нови насади.

Промената на времето во текот на претходниот викенд со доаѓањето на ладен и влажен бран кој значително ја разлади атмосферата е единствената промена што се случи во последниве две недели.
Слични или исти временски услови се очекуваат и оваа седмица, со уште еден влажен бран во втората половина, кој не се очекува да ги реши проблемите со недостигот на влага во почвата.
Утринските температури и натаму ќе бидат со позитивни вредности од 2 до 4 степени, добредојдени за градинарите и за зимското и за расадничкото производството во пластениците или во оранжериите.
Според управата за Хидрометеоролошки работи, дневните температури треба да достигнат до 14 степени, и ќе бидат слични, односно многу блиски до оние кои ги имавме во изминатите денови.
И во наредниот период остануваат препораките за подигање на нови овошни или лозови насади. Иако е веќе зима, почвените услови тоа го дозволуваат, а примарната подготовка на тутунот се чини дека е и единствената работа за земјоделците во последните денови од оваа година.
Методија Трајков
