Засилени контроли за новогодишните празници во туристичките центри
Полицијата и пазарните инспектори ќе вршат надзор во кафулињата, рестораните, хотелите и апартманите- дали доследно се почитуваат безбедносните мерки против ширење на корона вирусот...

Во пресрет на новогодишните празници, засилени контроли во туристичките центри. Полицијата и пазарните инспектори ќе вршат надзор во кафулињата, рестораните, хотелите и апартманите- дали доследно се почитуваат безбедносните мерки против ширење на корона вирусот.
Иако градот нема да биде преполн со туристи како во минатото, сепак се очекува наплив на домашни гости, има побарувачка на станови и викендици.
„Поседување на сопствени виекендици, тоа е препорака тие да не се издаваат и да не се злоупотребува собирање на поголеми групи на луѓе во такви објекти. Оние објекти кои што се регистрирани за вршење на таква дејност можат да работаат доколку се почитуваат протоколите“, вели Цветко Ристески раководител на Пазарен инспекторат Охрид.
Угостителите доследно ќе мора да ги почитуваат рестриктивните мерки и клуч на врата да стават во 18 часот, хотелите и пансионите ќе може да служат храна до 21 часот , но со строго почитување на протоколите, во спротивно ќе бидат парично казнети, а нивните објекти ќе бидат затворени.
„Навремено да се подготват за доследна, целосна и строга примена на сите препораки со цел заштита на населението од Ковид- 19 да ги почитуваат овие одредби и секако нагласено им е дека полициските службеници ќе вршат интензивни конторли по овие и по други основи“, вели Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.
Изминатиот период само на подрачјето на Охрид пазарните инспектори напишале 12 казни за непочитување на протоколите.
Соња Рилковска
