Регион

Разурнувачки земјотрес во Хрватска, има жртви и повредени

29.12.2020 14:59

Земјотрес од 6,3 степени по Рихтер сруши голем дел од хрватски Петриња. Жртви, повредени и голема материјална штета. Сликите драматични, спасувачките акции се во тек. Тресењето на тлото го почувствувале шест милиони луѓе во регионот. Во Сисак се урна кровот на болница, Загреб остана без струја, запре работата на нуклеарната централа „Кршко“...

Додека властите во Сисак и Петриња ги проценуваа штетите од вчерашниот, во централна Хрватска нов земјотрес. Овој пат има човечки жртви. 

Апокалиптични снимки од центрите на овие градови. Сеизмичката активност од 6,3 Рихтери била регистрирана околу пладне југоисточно од Загреб. Потресот траел 20 секунди.

Народот останува на улиците. Во серијата земјотреси која почна вчера во централниот дел на земјата се уништени стотици објекти.

Катастрофа. Извлекуваме мртви деца. Ова како да е Хирошима. Ми снема половина град“, вели градоначалникот на Петриња, Даринко Думбовиќ.

Во Сисак се урнал и покрив на болница. Поголемиот дел од Загреб остана без струја. Мобилизирани се сите неопходни екипи. Во операциите се вклучуваат и волонтери. Државниот врв ги посети најкритичните зони.

Триесет години ги решавате урнатиниве? Сега нека нè убијат сите. Зарем никој не можеше триесет години да ги поправи урнатиниве? Никој нема ставено ни една шајка овде! Погледај го ова што не паднало, полно е со куршуми.

Претседателот Милановиќ најави финансиска помош за Петриња. Покрај Европската унија, поддршка понуди и Србија.

Ако Драч успеа да извлече над милијарда евра, тогаш овој град ќе биде обновен. Но, никој нема да може да им ја надомести душевната и емоционалната штета на луѓето“, изјави Зоран Милановиќ, претседател на Хрватска.

Тектонското движење било почувствувано и во регионот. Во Бања Лука беше прекината и прес-конференцијата на градоначалникот Станивуковиќ.

Потресот прекина и седница во Љубљана. Поради превентивни мерки е запрена работата на нуклеарката „Кршко“.

Изутринава тектонско движење и на островот Вис. Сеизмолошката служба детектирала 3,1 степен според Рихтеровата скала.

 

Маја С. Филдишев