Нема штети од ниските температури
17.03.2014 10:14
Нема последици врз земјоделските култури од ниските утрински температури забележени минатата недела. Само на расцветаните сливи и кајсии краткотрајниот студ би можело да ги проретчи плодовите што до одредена мерка е и корисно...
Изминатите денови забележаните минимални негативни температури нема да предизвикаат поголеми штети кај земјоделските култури. Според агрометеорологот Ангелко Ангелески ова е заради краткотрајноста на нивното траење и слабиот интензитет, во границите на издржливост на растенијата.
Штети кај овошките може да има кога ќе се појават доцните мразови, кои на пример во Скопје можат да се јават и до 9 април. Само на расцветаните сливи и кајсии краткотрајниот студ би можело да ги проретчи плодовите што до одредена мерка е и корисно.
За житата опасноста од ниски темератури е помината.
Многу поважни за нив се жештините во мај кои можат да го намалат родот.
Последните мерења покажуваат дека влажноста во почвата доволно ја има иако не е напосакуваното ниво.
Топлото и стабилно време неделава ќе овозможи нормален развој на земјоделските култури.
Методија Трајков
