Ковид- криза

Компаниите од зоните побрзо ќе се вратат на патеката на раст отколку домашните

29.12.2020 15:36

Извозниците имаат потенцијал да бидат двигатели на растот. Преку долгорочни кредити и грантови може да ги релаксират ограничувањата во ликвидноста во пост- ковид кризата. Анализата на „Фајнанс тинк“ покажала дека странските фирми во зоните побрзо ќе се вратат на старите патеки на раст, отколку домашните...

Ковид- 19 кризата ги погоди извозно- ориентираните компании пред сѐ преку забавување на вкупниот раст, инвестициите и профитабилноста, а ударот беше посилен врз странските инвеститори отколку врз домашните компании, се вели во извештајот за анкетата на најголемите извозни фирми во земјава и нивниот потенцијал за заздравување во пост- ковид периодот на невладината „Фајнанс тинк“.

Треба да забележиме дека извозно ориентираните компании брзо се враќаат на старата патека и овој потенцијал е поголем кај странските инвеститори за враќање на таа патека“, вели Благица Петрески- главен економист на „Фајнанс тинк“.

Пандемијата со Ковид-19 предизвика долгорочни ефекти во однос на конкурентноста на компаниите изразени преку загуби на пазарниот удел, пад на профитабилноста и несолвентноста.

Бидејќи во минатото извозниците беа големи работодавци на пазарот на трудот, во просек со 17, % годишен раст на вработеноста, пандемијата сериозно влијаеше на растот на вработеноста и платите, но стапките никогаш не беа негативни.

Според „Фајнанс тинк“ извозниците очекуваат значителен скок на приходите, профитабилноста, инвестициите и стапките на раст на капиталот во 2021-ва, додека стапките на раст на долгот, вработеноста и платите веројатно ќе останат на нивото на пандемија. Сепак очекуваниот скок на приходите, инвестициите и капиталот нема да биде целосен, односно не се очекува брзо да го достигне нивото на пред-пандемија.

Значи ќе има позитивен раст во пост- ковид периодот, но ќе биде помал од историски што бил“, вели Бојан Србиноски, економски аналитичар на „Фајнанс тинк“.

Првата препорака е во насока на усогласување на царинските стапки согласно ЕУ, а првата подмерка е намалување или ослободување од увозни давачки за набавка на машини и изградба на нови капацитети“, нагласува Петрески.

Големите извозници очекуваат значително забрзување на растот на вработеноста, додека оние со помалку од 10 милиони евра промет очекуваат мало забрзување на растот на платите. Во анкетата на „Фајнанс тинк“ учествувале 73 извозно ориентирани компании, а во примерокот 2/3 од нив се поголеми извозници.

 

Свето Николовски