Тенис

Ноле триумфира на првиот Мастерс

17.03.2014 10:34

Во 33-от меѓуесебен дуел на двајца од тројцата најдобри тенисери во последната декада, Ѓоковиќ ја оствари 16 победа и се приближи во вечната пресметка на само една негатива во однос на најуспешниот тенисер во историјата.

Новак Ѓоковиќ го совлада Рожер Федерер со 2:1 во сетови, и го освои Мастерс турнирот во Индијан Велс, Калифорнија. Во 33-от меѓуесебен дуел на двајца од тројцата најдобри тенисери во последната декада, Ѓоковиќ ја оствари 16 победа и се приближи во вечната пресметка на само една негатива во однос на најуспешниот тенисер во историјата. Решавачки беше третиот сет, кој кулминира со тај брејк завршница. Во неа српскиот тенисер беше поконцентриран, и славеше со 7:3. Претходно првиот сет го доби Швајцарецот со 6:3, откак му го одзеде првиот сервис гем на Ѓоковиќ, кој пак врати со иста мерка во вториот сет, со брејк во осмиот гем. Вториот носител можеше да избегне “тај брејк“ но не успеа да го искористи сервисот при 5:4 во решавачкиот сет. Сепак, брзо се врати од кризата и по третпат го освои турнирот во Индијан Велс, по 2008 и 2011 година по што се израмни на втората позиција со Џими Конорс, Мајкл Ченг и Рафаел Надал. Мечот траеше 2 часа и 12 минути, а колку беше израмнет, потврдува бројот на освоени поени, 99:98 за победникот. Тоа е вкупно 17 Мастерс трофеј во кариерата на Србинот, кој се израмни со Андре Агаси на вечната листа на Мастерс титули, и 42 АТП турнир во кариерата, со кој го мина Штефан Едберг.

Федерер првпат е поразен во своето петто финале на овој турнир, но и натаму е најдобар со 4 трофеи во кариерата. Останува втор според Мастерс титулите со 21, или 5 помалку од најдобриот, Рафаел Надал. Шпанецот кој прерано ги заврши настапите на турнирот кој го освои минатата година, останува на првото место на АТП листата со 13.130 поени, пред Ѓоковиќ  кој ја намали огромната разлика и сега има 10.900 поени. Треторангиран останува Станислас Вавринка со 5650 поени, или 500 повеќе од Давид Ферер. Со пласманот во финалето, Федерер од осмата позиција се најде на 5 место со 5045 поени, и сега е пред Енди Мареј, Томаш Бердих и Хуан Мартин Дел Потро. Топ 10 рангирањето го заокружуваат Ришар Гаске и Џон Изнер.