Собрание

Први пратенички прашања за новата Влада

30.12.2020 15:39

„Не мислам дека Договорот за добрососедство со Бугарија е грешка“ - премиерот Заев на седница на пратенички прашања. ВМРО-ДПМНЕ со став, со договорот ѝ се даде шанса на Бугарија да ја уценува државата на патот кон Европската унија...

Грешка е потпишаниот договор со Бугарија, со кој историјата одлучува за иднината на Македонија и Македонците, вели Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ. Смета дека е добро да се постигнуваат договори, но многу е важно како се постигнуваат и првенствено да се во интерес на Македонија. За потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, на Балканот да се согласите за иднината на народите и државите да решаваат историски комисии, е политички аматеризам.

Не мислам дека е грешка потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија, одговори премиерот Заев. Посочи дека со ветото, официјална Софија направи катастрофална грешка. Уште еднаш повтори дека македонскиот идентитет и јазик никогаш не биле и нема да бидат на маса за преговори.

Откако Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ од говорницата покажа фотографии од нејзини роднини кои, како што рече, биле однесени во Треблинка од бугарскиот фашистички окупатор и убиени, шефот на Владата-категоричен, никогаш не сум кажал дека Бугарија била администрација. Заев рече дека не може да се нарекува фашистичка цела држава или народ, туку тогашната власт се приклучила на Третиот Рајх.

На седницата пратенички прашања, за новиот концепт за основно образование и за економијата. Реформи во образованието се потребни, лажна вест од опозицијата е дека се укинува историјата, вели Јован Митрески од СДСМ. Факт е дека нашите ученици заостануваат во знаењата, а учебниците се застарени.

Образованието е клучот за напредок на државата. Потребни се итни реформи, но етапно, рече министерката Царовска. Појаснувајќи го новиот концепт за основците, додаде дека мора да се смени системот на фактографско учење.

Според ВМРО-ДПМНЕ, за две години дефицитот достигнал 1,6 милијарди евра, средствата за здравството се многу помалку, нема капитални проекти.

Финансиската состојба во државата е стабилна и има сериозно заживување на економијата, иако се случува вториот пик на пандемијата, одговори премиерот Заев. Додаде дека за 2020-та и 2021-ва, 1 милијарда и 100 илјади евра се за граѓаните и дека се вратени сите доспеани обврски на државата. 

 

Милчо Велески