Нова сеизмичка активност во централниот дел на Хрватска

31.12.2020 10:00

Сеизмолозите предупредија дека тектонските движења ќе продолжат и во наредните недели. Населението во најпогодените области ја мина ноќта во автомобилите.

Централна Хрватска и натаму се соочува со серија земјотреси. Најсилниот во Петриња бил со магнитуда од 3,8 рихтери. Сеизмолозите предупредија дека тектонските движења ќе продолжат и во наредните недели. Населението во најпогодените области ја мина ноќта во автомобилите. Дождот и зимските температури дополнително ја влошија агонијата низ која минуваат луѓето кои останаа речиси без ништо.

„Избегавме од куќата кога почна да тресе. Сè е уништено внатре. Не сум сигурен колку е безбедно да се вратиме. Изгубивме сè во војната, и еве сега пак истото.“

Дел се евакуирани во шатори и касарни.

„Благодарност до сите што не донесоа овде од селото. Тие дојдоа по нас, ги следевме со автомобилите. Кога стигнавме овде имавме се што ни е потребно. На секои пет минути доаѓаат да проверат дали ни треба нешто. Овде ни е топло, безбедни сме и им благодариме за помошта.“

Спасувачките екипи остануваат на терен во потрага по преживеани. Во последните 72 часа во регионот на Сисак и Петриња биле регистрирани  119 потреси. Најразорниот од 6, 3 рихтери се случи во вторникот , околу пладне,  во кој имаше и жртви.