Згрижувачките семејства им ја враќаат вербата на децата за среќен дом
Хуманоста, љубовта и финансиската поддршка од ресорното министерство го зголемуваат опфатот на деца во згрижувачки семејства. Според оваа статистика, во земјава предничи село Манастирец во Поречието, каде што десетици семејства редовно згрижуваат деца...

Мара Трпеска од селото Манастирец во Поречието, покрај своето биолошко дете, кое има ментален хендикеп, има посвоено уште едно со ист таков хендикеп. Таа е една од десетиците семејства во Манастирец кои се одлучиле на овој чекор да згрижат друго дете. Вели дека дечињата меѓусебе одлично се сложуваат. Манастирец е селото со најмногу посвоени дечиња во Македонија. Моментално има 18.
„Во семејството дечињата многу убаво се сложуваат, си играат, си помогаат помеѓусебе колку што можат, колку што хендикепот им дозволува. Ние сме сите премногу среќни што ги имаме двете деца, тие се исто како сестри“, вели Мара Трпеска.
Трпеска исто така е и учителка во дневниот центар во селото каде преку денот одат ваквите дечиња. Бројот на посвоени дечиња во Манастирец од лани е зголемен скоро двојно. Според експертите причина за ова била пред се хуманоста.
„Се посветува големо внимание и љубов на децата. Да се земе едно вакво дете во својот дом пред се значи да се има многу љубов, и финансискиот аспект тука има улога, но пред се љубовта и големата хуманост на овие луѓе“, рече Жарко Ристески, директор на центар за социјална работа во Македонски Брод.
По глава на жител Македонски Брод има најголем број згрижени деца во Македонија. Општината постојано помага за нивна социјализација.
„Овие дечиња и другите дечиња од Македонски Брод одржаа заеднички концерт каде собраните средства од манифестацијата беа наменети за одржување на овој дневен центар тука во селото Манастирец“, изјави Милосим Војнески, градоначалник на Македонски Брод.
Во иднина ваков дневен центар е планирано да се отвори и во градот Македонски Брод, но исто така се планира да се отворат мали групни домови, каде под надзор на стручни лица, ќе живеат оние дечиња кои немаат пречки во развојот, а ќе наполнат 18 години која е и законска граница за да тие излезат од згрижувачките семејства.
Три семејства моментално чекаат да добијат дете, а оваа мрежа на згрижени дечиња од Манастирец за кратко време се планира да се прошири и во селото Самоков.
Дарко Штаргоски
