До Трескавец со марш и желба за подобра година

04.01.2021 10:34

Вековното духовно светилиште, светскиои познатиот споменик на културата, Манастирот Трескавец кај Прилеп продолжува повеќедецениска традиција за успешен, нов почеток на годината. Особено во време на пандемија се зголемува желбата за здравјето. Манастирот се радува со најавата дека годинава може да добие водовод и официјално, новите конаци по осум години од пожарот, да се стават во функција...

Повеќе од четири децении, првата недела по Нова година, а пред Божик, прилепчани, посебно варошани се во едно од најголемите духовни светилишта и светски споменик на културата - манастирот Трескавец. Почнало како желба да ја започнат годината со нови надежи, па и со марш  да се одржи древната патека до Трескавец, а продолжува како традиција со корени во опстојувањето. Годинава посетителите со пешачење и топол чај, но без традиционален посен грав стигнаа до Трескавец.

И во година на пандемија, уште повеќе, Трескавец остана местото каде се бараат мирот, спокојството, се ужива во богатата културна и духовна историја.

Годинава стана уште понадежна по најавата дека Владата одвоила 6,5 милиони денари да се направи водоводот, од изворот на околу 600 метри до Манастирот. Тоа и официјално ќе значи ставање во употреба на новите манастирски конаци и на сите проекти за заштита на ова древно здание.

Трескавец на преку 1.400 метри надморска височина низ историјата преживеал три пожари. Двата, во последниве 30-ина години. Еден на 9 јануари 1990, а последниот на 4 февруари пред 8 години.

 

Елизабета Митреска