Политика

Заев: Останува посветеноста за дијалог и градење добрососедски и пријателски односи

04.01.2021 14:50

На првиот работен ден од новата година, во Владата координација за натамошните активности за изнаоѓање решение на спорот со Бугарија. Останува посветеноста за дијалог и градење добрососедски и пријателски односи, вели премиерот Заев. Речиси еден месец, нема одговор на македонскиот нон-пејпер, испратен до Софија преку специјалниот претставник Бучковски. Шефот на дипломатијата Османи оптимист дека Бугарија ќе прифати меѓувладина седница во првото тримесечје од годинава...

На маса македонските позиции за излез од ќорсокакот, преку спроведување на Договорот за добрососедство, но без да се задира во идентитетот и јазикот. Премиерот за новогодишните празници контактирал со премиери од земјите- членки на Европската унија, меѓу кои и со бугарскиот колега Борисов. Не открива детали дали разговарале за евроинтеграциите, но потенцира дека останува посветеноста за дијалог и градење добрососедски и пријателски односи.

Речиси еден месец нема одговор од Бугарија на македонскиот нон-пејпер испратен до Софија преку специјалниот претставник Бучковски, со кој земјава потврдува дека нема територијални претензии и нема да се меша во внатрешните работи на источниот сосед. Министерот за надворешни работи Османи смета дека се дадени многубројни предлози до Софија за наоѓање решение, но засега тие се еднострани оти бугарската страна не одговорила дали се прифатливи како почетна точка за изнаоѓање на решение за недоразбирањата. Шефот на дипломатијата Османи оптимист дека Бугарија ќе прифати меѓувладина седница во првото тромесечје од годинава.

Шефот на дипломатијата се надева дека наскоро ќе се сретне со својата бугарска колешка. Упати и писмо до своите колеги во Софија и Тирана за трилатерална иницијатива за соработка на Коридорот осум со што би се вратила добербата меѓу државите. Предлози и иницијатива и за Преспа форум за дијалог во јуни, за почитување на меѓусебните договори, надминување на недоразбирањата.

Од новото португалско претседателство со ЕУ биле упатени први сигнали дека Лисабон ќе продолжи да работи на проширувањето каде што застана Германија.

 

Ирина Гелевска