Како настанал приборот за јадење
Лажицата, вилушката и ножот се користат од дамнина. Иако заедничка намена им е прибор за јадење, тие не настанале во исто време како три предмети, туку сосема независно еден од друг.

Лажиците се користени за јадење уште од палеозоикот. Праисториските луѓе најверојатно користеле школки и вдлабнати парчиња дрво како лажици. И грчкиот и латинскиот збор за лажица „коклеа“ значат спирално обликувана куќичка од полжав. Аглосаксонскиот збор „спун“ значи парче дрво со што се нагласува широката употреба на овој материјал за лажици во северна Европа. Освен од школки и дрво, лажиците подоцна се правеле од метали како злато, сребро, комбинации од калај и олово, од слонова коска, порцелан, кристал, од рогови, глина и коски...
Во првиот век Римјаните направиле два вида лажици кои имале далекусежно влијание. Првата се нарекувала лигула и била користена за супи и кашеста храна, Имала и овална линија и декоративна рачка. Другиод вид се викала коклеар и имала мала кружна форма и вдлабнатина и тенка рачка за консумирање јајца и школки. Раните англиски лажици веројатно се направени по модел на овие две, тоа било по римската окупација на Британија од 43 до 410 година.
Вилушката има потекло од времето на древните Елини. Такви вилушки биле поголеми и имале два запци. Ги користеле за сечење и служење месо. Запците не дозволувале место да се лизга во текот на сечењето. Во 7 век на дворовите на Средниот исток почнале да се користат вилушки за јадење. Од 10-тиот до 13-тиот век вилушките биле вообичаен прибор за јадење меѓу богатите Византијци. Во 11 век Византијците ги донеле во Италија каде што дури по 5 века почнале да се употребуваат помасовно. Од Италија во 1533 година вилушките стигнале во Франција, кога Катерина Медичи се омажила за престолонаследникот Хенри 2-ри. Французите тешко се навикнувале на вилушките и сметале дека нивната употреба е глумење аристократија. Англичанецот Томас Корјет во 1608 година од Италија ја донел првата вилушка во Англија. Англичаните пак вилушката ја сметале за женски и непотребен прибор и велеле зошто некому би му требала вилушка кога бог му дал раце. Сепак вилушката нашла пат до богатите луѓе. Ги правеле од скапоцени материјали, за да ги восхитат гостите. Малите вилувчиња со два запци обично ги користеле за слатки и за леплива храна. Кон крајот на 17 век во Франција се направени поголеми вилушки со 4 запци. Така храната стоела поцврсто на вилушката и не им паѓала на подот. Во раниот 19 век вакви вилушки почнале да се прават и во Германија и Англија, и така пополека се раширила нивната употреба и во Америка.
Ножот е меѓу најстарите пронајдоци кои постојат речиси од како постои човекот. Во праисторијата за сечење се користеле остри делови од камен или животински коски, а потоа луѓето научиле да ги обликуваат овие предмети, да ги острат, па ги правеле подолги и потенки. Ножот се користел за лов, за сечење храна или разни материјали. Низ столетијата носење на долг и богато украсен нож претставувало симбол на статусна моќ. Овој изум со векови бил главно оружје во текот на војните и затоа на негово усовршување работеле многу занаечии и иноватори.
Во средниот век во Европа домаќините на своите гости не им обезбедувале ножеви на трпеза туку тие се служеле со своите лични ножеви, кои ги носеле закачени на појас. Тие биле остри и куси и ги користеле за сечење и принесување на храната во уста., но и како оружје, па затоа претставувале опасност на софра. Откако станале популарни вилушките повеќе немало потреба да се користат ножевите Францускиот крал Луј 14-ти во 1669 година ја забранил употребата и носењето нож на улица за да го намали насилството. Забраната пак била причина и за промена на дизајнот. Почнале да се произведуваат ножеви со заоблени врвови. Од почетокот на 19-тиот век во употреба се враќаат ножеви со остри рабови и врвови. Денес приборот за јадење достигна совршенство од функционалност и дизајн. Се прави од различни материјали од дрво, преку метал до пластика. Во разни форми и величини, скапоцен и ефтин едноставен и накитен, во зависност од намената , статусот, практичната примена и желбата на сопствениците на приборот за јадење. Го употребува поголемиот дел од светот најмногу од хигиенски и културолошки причини. Можеби и вашиот избор на празничен прибор за јадење ќе биде инспириран од овие историски податоци на предмети кои ги користиме секој ден, но малку им обрнуваме внимание.
Соња Стојановска
