Православните христијани го слават Бадник, ден пред Христовото раѓање
Мир Божји меѓу луѓето. Во пресрет на Раѓањето Христово, во невообичаени околности, се осветуваа бадниковите гранчиња, навестување за радосниот празник за православните верници. Во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“, македонскиот архиепископ ја освети погачата, кумот и здравичарот посакаа в година да се прослави празникот како што доликува. И овојпат во црквите дојдоа верниците, почитувајќи ги соодветните протоколи...

Со литургија и осветување на бадниковите гранчиња, во сите храмови на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, одбележан Бадник – денот пред најрадосниот христијански празник, Раѓањето Христово- Божик. Во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“, во присуство на кумот Пановски и здравичарот Врчаковски, Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан ја освети погачата и порача - пандемијата докажа колку е човекот немоќен и покрај сета своја самоувереност и достигнувања. Годинашниот кум, доктор Пановски повика на уште малку трпение и посака догодина Бадник да се слави како што доликува.
Иако короната го спречи традиционалното палење на бадниковите огнови и масовните прослави, верниците сепак ги наполнија црквите. Согласно со мерките за заштита, палеа свеќи и се молеа, а на најблиските им посакаа здравје и среќа.
Согласно богатата традиција на македонскиот народ за Бадник, денот се завршува со богата, но посна трпеза, а се крши и лебчето со паричката. Оној кому ќе му се падне паричката, се смета дека ќе биде најсреќен во годината што претстои.
На Божик, православните христијани си честитаат со пораката, „Мир Божји меѓу луѓето“.
Марија Котовска
