Во Охрид не се одржа традиционалната Бадникова литија
Здравствената криза го спречи одржувањето на Бадниковата поворка, традиција која што во Охрид беше возобновена пред осум години. Наместо со песна со која се најавуваше Христовото раѓање, малите ангелчиња го одбележаа големиот христијански празник со пишување на убави и емотивни пораки и честитки за нивните болни другарчиња и повозрасните пациенти во охридската Општа болница. Иисто така ги отстапија пакетчињата наменети за нив и ги подарија на болните лица, но и на социјално загрозените семејства.

Поради коронакризата денеска во Охрид не се одржа Бадниковата поворка, стара изворна и духовна традиција. Овојпат ги немаше стотиците млади ангелчиња кои со песната „Вечниот бог“ симболично го навестуваа раѓањето на Исус Христос. Наместо тоа во поставената кутија пред Бадниковата пештера на градскиот плоштад дечињата оставија над 300 прекрасни пораки со кои им посакаа добро здравје на нивните другарчиња и на сите болни во охридските болници.
„Здравјето не е сѐ, но без здравје нема ништо. Тоа го знаеме сите ама најмногу вие мои другарчиња, како и баби и дедовци кои моментално се наоѓате во болничките кревети. Ние сме со мислите и молитвите со вас“.
„Те сакам многу другар, а сигурна сум дека и сите твои другарчиња го прават истото. Едноставно тоа значи дека со тоа имаш пристап до најдобрата лекувачка терапија“.
„Радоста, доброто здравје и љубовта да бидат трајни гости во оваа 2021 година“.
Дечињата кои требаа да учествуваат во Бадниковата поворка ги отстапија и подароците наменети за нив, подаруваќи ги на социјално загрозени семејства и болните во охридската болница.
„Исто така направивме и коледарски лепчиња кои што се симбол за Христовото раѓање, го симболизира Христос богомладенецот кој што лежи во пештерата Витлеемска. Исто така од тие лепчиња ставивме во пакетчињата“, изјави Летка Филипова- организационен одбор на Бадниковата поворка.
„Помош што ја добиваме од децата, се гледа дека има многу љубов и многу време потрошиле да им се помогне на луѓево, навистина пријатно ме изненадивте. Помошта ќе оди кај сите болни кои што се моментално хоспитализирани од ковид во нашава болница“, вели Горан Балевски-директор на Општа болница- Охрид.
Молитвите и добрата мисла на сите нас се за оние на кои најмногу им се потребни за наредната година заеднички да и се вратиме на традицијата на прославување на Бадник која се возобнови по седумдесеттина години.
Сашо Нелоски
