Балканот се мачи да обезбеди вакцини против Ковид-19
Балканскиот Полуостров се мачи да обезбеди доволно количество вакцини од докажани компании и програми, вклучувајќи ја и Ковакс програмата...

Додека повеќето европски земји ја очекуваат веќе и втората доза од вакцината против Ковид-19, еден дел од Стариот континент заостанува во обезбедувањето пристап до оваа заштита со која треба да се намали ширењето на смртоносниот вирус кој успеа да мутира и да се шири побрзо. Балканскиот Полуостров се бори за да обезбеди доволно количество од неколку докажани компании и програми, вклучувајќи ја и КОВАКС на Светската здравствена организација. Повеќето земји немаат концизен календар за старт на националната имунизација бидејќи ги очекуваат првите пратки дури во април.
„Пратките доцнат и за тоа нема оправдување. Државите во регионов се пред нас, па затоа треба да бараме одговорност од владата за неподготвеноста“, изјави Вјоса Османи, в.д. претседател на Косово.
„Погледнете ги нашите колеги во светот, тие веќе примаат дози, нивните земји им даваат шанса, се имунизираат граѓаните, здравствените работници, сите. Зошто ние да чекаме дури до пролет? Штета, мора да го средиме ова што поскоро. Ги повикувам сите власти во земјава да ја поправат оваа историска грешка“, изјави Исмет Гавранкапетановиќ, директор на ОБ „Д-р Абдула Накаш“, Сараево.
„Се фокусираме на вакцините од „Фајзер“, „АстраЗенека“ и „Модерна“. Комуницираме со овие компании“, изјави премиерот на Албанија, Еди Рама.
Поради зголемениот број заразени со ковид-19, ЕУ повторно ги заострува рестриктивните мерки. Британија од вчера затворена трет пат од почетокот на пандемијата. До средината на идниот месец, Владата планира да имунизира над 13 милиони лица.
„Ова е херкулски напор. Зборував со болниците, лекарите, аптеките, националните центри за вакцинација. Ќе вакцинираме на повеќе од илјада локации. Убеден сум дека до 11 јануари ќе имаме голем скок. Од 8 декември дадовме 1,3 милиони дози“, рече Надим Захави, министер за вакцинирање против ковид-19, Британија.
Во светот досега се регистрирани над 86 милиони заразени, а починале речиси 1,87 милиони луѓе.
Маја С. Филдишев
