Светските лидери со осуда за случувањата во Вашингтон

07.01.2021 14:03

Низа реакции во светската јавност по упадот на приврзаниците на Трамп во зградата на Конгресот. Она што се случи во Вашинготн не е Америка, САД мора да отвори ново поглавје во својата демократија - порачаа дел од европските лидери...

Светската јавност ги осуди случувањата во Вашингтон на Капитол Хил. Едни го впренија прстот кон претседателот Трамп, други се неутрални, а Кина ја искористи можноста да ги обвини САД и медиумите во земјата за двојни стандарди. Германската канцеларка Меркел рече дека жали што претседателот Трамп не го признал поразот. Таа оцени дека насилствата биле потикнати поради тоа што биле отворени сомнежи за изборните резултати.

„Трагично е што луѓето ги загубија своите животи во настаните од оваа вечер. Но, за мене знак на надеж е тоа што Конгресот ја продолжи својата работа истата вечер и сега имаме потврда за изборна победа на Џо Бајден и Камала Харис. Соединетите Американски Држави мора да отворат ново поглавје во својата демократија за помалку од две недели“, изјави германската канцеларка, Ангела Меркел.

Она што се случи во Вашингтон не е Америка, ние веруваме во моќта на демократијата – реагираше францускиот претседател Емануел Макрон.

„Денеска, Франција стои цврсто, ревносно и одлучно со американскиот народ и со сите луѓе кои сакаат да ги бираат своите лидери и да одлучуваат за нивната судбина и животи на демократскиот и слободен начин преку избори. Нема да попуштиме ни малку на насилството на малкумината кои ова сакаат да го доведат во прашање“, рече францускиот претседател Макрон.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ги опиша настаните како шокантни, и повика на почитување на резултатите од демократските избори.

Кина, пак, ги обвини Соединетите Американски Држави и нивните главни медиуми за двојни стандарди, споредувајќи ги протестите со оние во Хонгконг од 2019-та година.

„Главните медиуми во Соединетите Американски Држави ова го осудија како насилен инцидент, користејќи зборови како насилници, екстремисти, негативци и бесрамници. А со кои зборови ги опишаа насилните демонстранти во Хонгконг? Велеа дека тие се прекрасна глетка и ги опишуваа како деомократски херои крај кои стои и американскиот народ“, изјави Хуа Чунјинг – портпарол на кинеско МНР.

Австралискиот премиер Скот Морисон изрази надеж дека демократијата ќе преовлада во Соединетите Американски Држави.

Соединетите Американски Држави се една од најголемите демократии на светот и така ќе остане поради својата истрајност и упорност во принципите и вредностите врз кои оваа нација е создадена и немам сомнеж дека така ќе продолжи и натаму“, нагласи Морисон.

И официјално Токио со слична порака, изрази надеж дека предавањето на власта ќе помине мирно.

 

Марија Котовска