Маските и протоколите не ја намалија радоста за Христовото рождество

07.01.2021 14:18

Православните христијани го слават рождеството Христово- Божик. Свечени литургии во сите храмови во државава. Традицијата продолжува, маските и протоколите не ја намалија радоста. Пред никого и за ништо да не отстапуваме од своето, од вековното - во Божикното послание порача поглаварот на Македонската православна црква...

Православните христијани го слават Христовото раѓање, најсветлиот и најрадосниот празник. Во сите храмови на Македонската православна црква се одржаа божикни литургии, иако поради пандемијата, празнувањето се одржа под строги мерки за заштита за да се спречи ширење на коронавирусот. Немаше масовно собирање на верниците.

Во Соборниот храм во Скопје, златоустова литургија. Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан во своето послание рече дека живееме во време кога нашата вера е ставена на тест, кога животот станува се потежок и понеизвесен. Не можеме да го најдеме патот на спасението зошто се оддалечивме од Бога  и едни од други. Како македонски народ, пред никого и ништо да не отстапиме од своето, од вековното, вели поглаварот.

Денеска завршуваат и божикните пости кои траат околу 40 дена. Многу верници примија и света причест.

Божикните празници се денови кои се поминуваат со семејството со најблиските. Денови на радост и убава мисла. Христос се роди. Среќен Божик.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска