Се затвори монтажната болница кај Инфективната клиника

07.01.2021 14:26

Монтажната болница кај Инфективната клиника се затвори. Епидемиолошката состојба е значително подобрена во последните четири недели - но вирусот е непредвидлив, предупредуваат докторите. Да се почитуваат здравствените протоколи...

Пандемијата со Ковид-19 не заврши, монтажната болница кај Инфективната клиника е празна. Здравствените власти објаснуваат - велат, причината за затворањето на објектот е намалениот број на хоспитализирани пациенти со коронавирус.  Притисокот во главниот град повторно падна на ковид центрите и на болницата „8 Септември“. На пример, во изминатите 24 часа од 17 пациенти со компликации од вирусот, кои имало потреба да бидат хоспитализирани, само тројца завршиле на Инфективна, другите на интерните клиники и во „8 Септември“. Ден преходно, пак, од 52-ца пациенти, само осум биле примени на Инфективна.  

Модуларната болница на клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби е испразнета поради реорганизација на кадарот и намален притисок со хоспитализација на пациенти“, велат од Министерството за здравство.

Бројот на заболени со ковид се намалува и во останатите градови. Таму се уште се поставуваат монтажни болници.

„Овој период од годината носи многу ризици и затоа мора да бидеме многу претпазливи, а здравственот систем зајакнат, како со кадар така и со болнички капацитети. Модуларните болници се мини инфективни одделенија, со кои се проширува капацитетот на инфективните одделенија за ковид пациенти, истите по завршувањето на пандемијата ќе се користат во рамките на болниците, согласно потребите од проширување на поедини одделенија или во делот на амбулантите“, велат од ресорот здравство.

Во монтажната болница во главниот град првите ковид позитивни пациенти беа згрижени пред два месеци, откако Инфективната клиника беше целосно исполнета .

Монтажните бараки, кои два месеци беа целосно исполнети со ковид позитивни пациенти сега се испразнети. Во нив можат да се згрижат околу  70 пациенти. Монтажниот објект беше поставен со цел да се прошири капациетет на Инфективната клиника.

Според здравствените власти, епидемиолошката состојба е значително подобрена во последните четири недели, граѓаните соодветно ги почитуваат безбедносните протоколи против вирусот.  

 

Андријана Атанасовска