Се слави Христовото раѓање

07.01.2021 13:33

Православните христијани го слават Рождеството Христово – Божиќ. Во храмовите на Македонската православна црква се одржаа божиќни литургии. Големиот празник годинава е во знакот на пандемијата. Граѓаните со свеќи в рака, но и маски на лицето, посакаа мир, здравје и љубов, за себе и своите блиски. Овој семеен празник, верниците го слават со богата трпеза во кругот на семејството, но и надеж дека веќе наредната ќе се вратат на традицијата.

„Христос се роди, Вистина се роди!“- се зборовите со кои се поздравуваат верниците. Се слави големиот празник Божиќ. Граѓаните со свеќи в рака, молитви, но и со маски на лицето, ги посетија црквите. Овој пат Божиќ се слави поинаку, согласно протоколите за заштита од Ковид 19. Верниците во соборниот храм „Свети Никола“ во Куманово си посакаа мир, љубов, благосостојба, но и повеќе здравје годинава.

Слога да има, мир, оваа пандемија да се тргне, народот да биде здрав и повесел- вели еден кумановец.

Да се среќни децата, здравје, среќа, пари“ - нагласува кумановка.

Здравјето е најбитно и се натаму, Господ нека дава среќа, љубов и на младите- посочи граѓанин.

Да посакам здравје на деца, на мене, на сите празникот да ни даде здравје- наведе кумановка.

Во храмовите на Македонската православна црква се одржаа литургии.  Свештените лица повикаа на мир и слога.

Бог кој што има совршена природа спротивна од нас, со нашата човечка се спои и се измери, со тоа не прими како свои браќа. Треба да размислиме за ова и да се покренеме и ние кон нашите ближни, да постапуваме човек со човек, колку треба да работиме на тоа да се измириме и да си простиме- посочи отец Игор Здравковски од Кумановско- осоговска епархија.

Божиќ е семеен празник. Верниците го слават со богата трпеза во кругот на семејството. На овој ден не треба да се заборави на негувањето на вистинските вредности.

На овој ден посебен акцент се посветува на семејството, кое е наше најголемо богатство, затоа се вели Пред Божиќ, за Божиќ, дома да си. На овој ден се оди по гости да се честита кај баби, дедовци, чичовци, сестри, браќа и тоа се вели со зборовите Христос се роди, Навистина се роди- вели Љубица Кузмановска.

82- годишната кумановка истакна дека годинава поради пандемијата празникот ќе го помине во кругот на семејството, но, со надеж дека веќе наредна ќе се вратат на традицијата.

 

Елена Георгиевска