Трамп го призна поразот, уште една жртва од немирите во Конгресот
Петта жртва на немирите во Вашингтон, почина повреден полицаец. Продолжува серијата оставки во администрацијата на Трамп. Вчера американскиот Конгрес потврди, Џо Бајден е победник на претседателските избори. По немирите и упадот во Капитол, Трамп најави мирно предавање на власта...

По многубројните критики од демократската и републиканската партија за тоа дека го разгорил насилството во американскиот Конгрес, претседателот во заминување Доналд Трамп ги осуди нередите и нагласи дека новата администрација ќе биде инаугурирана на мирен начин. Потпретседателот на САД Мајк Пенс го отфрли барањето на дел од демократите за активирање на 25. амандман од Уставот со кој се отповикува шефот на Белата куќа.
„Оние што учествуваа во насилствата и деструкцијата не ја претставуваат нашата земја. Оние што ги прекршија законот ќе платат. Неодамна минавме низ тешки избори и луѓето се вознемирени. Но страстите мора да се смират и да се врати мирот“, изјави претседателот во заминување, Доналд Трамп.
Во меѓувреме, почина уште едно лице од хоспитализираните по нередите во Конгресот. Полицаец им подлегна на повредите добиени при судирот со приврзаниците на актуелниот претседател во Вашингтон. Брајан Сикник е петта жртва. Претходно смртно настрадаа четири лица при упадот во зградата со цел да го спречат потврдувањето на победата на Џо Бајден на претседателските избори. ФБИ почна истрага за случајот. Досега се уапсени 68 лица. Едно од нив носело и автоматско оружје и 11 молотови коктели.
По демолирањето на Конгресот, во неколку други градови беа организирани собири против Трамп. Демонстрантите го обвинија за опасна реторика и политика која била причина за хаосот во Вашингтон.
„Од самиот почеток тој само им велеше да стојат да мируваат, тој провоцираше од самиот старт.“
„Посакувам да знам што ќе се случува понатаму. Едно е сигурно, поддржувачите на Трамп не одат никаде. Ако мислите дека Бајден ќе успее да се помири со нив, грешите, со фашисти нема мир.“
Инаугурацијата на 46-от претседател на САД е на 20-ти јануари.
Маја С. Филдишев
