Се официјализира проектот „Охрид - Град на илјада крстови“

08.01.2021 10:44

Со осветлувањето на високите куполи и крстовите на катедралната црква „Света Софија“ деновиве се официјализира проектот „Охрид - Град на илјада крстови“. Македонското духовно светилиште познато по тоа што имало 365 цркви, по една за секој ден во годината, наскоро ќе биде препознатливо и по илјада осветлени крстови, кои како симбол на христијанството ќе придонесат за развојот и на религиозниот туризам.

Крстот е симбол на Христовото распетие и неговата победа над смртта. Тој е украс на црквите, чувар на вселената, потпора на верните, слава на ангелите. Симбол кој со векови ги краси охридските древни духовни храмови кои некогаш ги имало колку што има денови во годината. Но од неодамна и нов предизвик за професорот Зоран Тунтев да осветли 1.000 крастови, кои во ноќта уште повеќе ќе го красат Балканскиот Ерусалим- Охрид. Тоа според него ќе придонесе и за развој на религискиот туризам.

„Никој не очекува дека исклучиво религиозните туристи ќе доаѓаат или луѓето со висок степен на религиозна култура, но верувам дека секоја ваква приказна привлекува внимание. Веќе е потврдено дека сме свето место, дека сме град со 365 цркви, дека сме град во кој живееле, твореле и починале двајца светски признати светци Свети Климент и Наум Охридски, тоа го нема ни Ерусалим“, вели проф. д-р Зоран Тунтев.

За да се реализира проектот ќе треба време, меѓутоа и подршка од луѓе кои веруваат во него и кои сакаат нивниот град да биде уште поатрактивен.

„Последниот во таа бројка или илјадитиот крст планирам да го осветлам и да биде под вода. Дали ќе е покрај Свети Јован Канео, дали ќе е тука на Сараиште во централното градско подрачје се уште размислувам. Зависи од условите под вода, од техниката на изведување на таа нисковолтна струја, да биде потполно безопасно“, изјави д-р Тунтев.

Во изминатите месеци се осветлени околу 300 крстови на црквите. Тунтев вели дека не се работи за некој мегаломански проект зачинет со политичка заднина, туку се дава еден добар мејкап на нешта коишто веќе постојат и се еден од симболите на Охрид.

 

Сашо Нелоски