Постпразнично прочистување од претерување со храна
Празниците кај нас вообичаено се период кога се јаде и се пие сѐ и сешто, но и обилно. Претерувањето не само што се чувствува како тежина додека се јаде туку и после.

Поголем дел од нас од средината на декември до крајот на јануари себе си си дозволува 5 до 10 свечени оброци, а некои и преку 15, што значи обилни и калорични ручеци или вечери. Така се полниме со калории, со алкохол, кофеин, се наголтуваме сопствен или туѓ чад од цигари, а покрај тоа ја намалуваме и физичката активност. Кога ќе поминат празниците се прашуваме што сега кога вагата покажува неколку килограми плус, а телото е тромо и се чувствуваме мрзеливо. Затоа во деновите после празниците бидете внимателни кон своето тело измачено од празничната храна.
По овие нездрави навики и нездрава храна, веќе се наталожиле масни наслаги и се зголемил бројот на слободни радикали во нашиот организам. Нутриционистите и лекарите советуваат постепено преоѓање во нормала, зашто ригорозните диети го исцрпуваат организмот, а телото се опира на наглата промена така што грчевито ќе ги чува стекнатите калории и резервите од сало. Се препорачува избалансиран режим на исхрана на подолга патека. Треба да се намали внесот на калории, а алкохолот и газирани сокови постепено да се исклучат или да бидат во многу мало количество. Оброците треба да бидат почести и помали, да содржат повеќе овошје и зеленчук, да се пијат природни цедени сокови и чаеви. Треба да се настојува што повеќе време да се поминува на чист воздух во природа, пешачење, да се искористи секоја прилика да не се биде во затворен и зачаден простор. Вака телото се детксицира од тутунскиот чад. И спиењето има важна улога во враќање во нормала. Треба да се легнува што порано, а добро би дошла и мала попладневна дремка. Сонот е еден од најдобрите начини да се окрепне организмот и да се намали стресот на телото од промените. За добро здравје неопходно е постојано да си повторувате што е здраво што нездраво за вашиот организам, кога ќе добиете желба и порив за мрсно, слатко , грицки и други штетни работи, каснете неколку зрна јаткасти плодови, можеби салата и комбинација од двете, а најмногу од се пијте вода, особено половина час пред оброците. Во вашиот фрижидер добро е да има повеќе здрава растителна храна и помалку калорични продукти, така полесно ќе им одолеете на искушенијата. Во следната фаза за оние подисциплинираните е воведување седмичен детокс со помош на кој ќе се изфрлат токсините од организмот наталожени за време на празниците. Има разни начини за детоксикација главно со повеќе течности, а вие ќе го изберете вистинскиот за вас. Така ќе се чувствувате многу повитално, поздраво и полесно, нема да ви недостасува енергија за активности, па дури и ќе ве поттикнува на поголеми акции, ќе ви се разбистри умот и ќе ви се зголеми желбата за создавање, за работење, што пак дополнително ќе ви го одвлече вниманието од храната.
Соња Стојановска
