САД

Трамп го призна поразот и го осуди насилството

08.01.2021 12:45

Петта жртва на немирите во Вашингтон, почина повреден полицаец. Продолжува серијата оставки во администрацијата на Трамп. Американскиот Конгрес го потврди Бајден за победник на изборите. Трамп најави мирно предавање на власта...

По многубројните обвинувања од Демократите, но и сè поголемиот број Републиканци за поттикнување вандализам во американскиот Конгрес кој имаше и фатален исход за неколкумина, претседателот во заминување Доналд Трамп конечно јавно ги осуди постапките на насилните демонстранти. Непопустливиот републиканец се премисли и го призна поразот во трката за Белата куќа два месеца по претседателските избори. На својот опонент Бајден му вети мирно предавање на власта. На своите симпатизери – обновување на заедничката мисија.

Америка е и мора да биде земја на закон и ред. Демонстрантите кои упаднаа во Капитол фрлија дамка на демократијата. Оние што учествуваа во насилствата и деструкцијата не ја претставуваат нашата земја. Оние што ги прекршија законот ќе платат. Неодамна минавме низ тешки избори и луѓето се вознемирени. Но страстите мора да се смират и да се врати мирот“, изјави претседателот во заминување, Доналд Трамп.

Осуда за упадот во Конгресот и од потпретседателот Мајк Пенс. Тој го отфрли барањето на дел демократи за активирање на 25. амандман од Уставот со кој се отповикува шефот на Белата куќа. Поради притисокот на јавноста, сè повеќе соработници на Трамп поднесуваат оставки.

Насилството никогаш не победува. Слободата победува, и ова е сè уште дом на народот. Продолжетокот на нашата работа овде повторно ќе му ја покаже на светот истрајноста и силата на нашата демократија“, нагласи потпретседателот Мајк Пенс.

Во меѓувреме, еден полицаец им подлегна на повредите со што стана петтата жртва во судирот со толпата која се обиде да ја спречи верификацијата на победата на Бајден. ФБИ води истрага и досега се приведени 68 лица. Меѓу другото, биле пронајдени автоматско оружје и 11 молотови коктели.

По демолирањето на Конгресот, во неколку други градови беа организирани собири против Трамп.

Од самиот почеток тој само им велеше да стојат да мируваат, тој провоцираше од самиот старт.

Посакувам да знам што ќе се случува понатаму. Едно е сигурно, поддржувачите на Трамп не одат никаде. Ако мислите дека Бајден ќе успее да се помири со нив, грешите, со фашисти нема мир.“

Инаугурацијата на 46. претседател на САД ќе ја обезбедува и Националната гарда откако Пентагон го мобилизираше целосниот состав во рок од 30 дена.

Маја С. Филдишев