Мал број верници и странски туристи во охридските цркви

08.01.2021 13:16

Пандемијата со Ковид-19 го остави Охрид без странски туристи. Порано, во овој период на годината Охрид беше полн со туристи претежно од регионот,а свештениците велат дека е намален и бројот на верници во црквите.

Нема странски туристи во охридските цркви. Пандемијата го намали и бројот на верници во црковните храмови. Балканскиот Ерусалим, за разлика од минатото за Божик нема странски туристи. Во овој период од годината традиционално најбројни беа гостите од соседството.

Иако Божик е семеен празник, голем број домашни и странски гости го минуваа токму на брегот на Охридското Езеро. Главна атракција за големиот христијански празник беа средновековните црковни храмови и културно историските споменици. Свештениците велат и во црквите е намален бројот на верници.

„Тоа е веќе забележително, воочливо јасно се гледа, пандемијата си го направи своето и сето тоа е резултат на оваа пандмеиија, но се надеваме по Божји благослов за брзо сето ова ќе исчезне и да продолжиме да живееме онака како што ни прилега, како што порано сме живееле, и никој и ништо да не нѐ оддалечи од Бог“, вели отец Диме Азески од Дебарско кичевска епархија.

Охрид беше посакувана туристичка дестинација и за Новогодишните и за Божикните празници Почнувајки од крајот на декември се` до празникот Богојавление Водици. Пандемијата ја расипа убавата зимска празнична приказна.

Воопшто немаме резервации што не било пракса претходните години, се случувало крајот на ноември да ги имаме продадено тие празнични денови“, вели Александар Момироски туристички работник.

Јануарската зимска сезона завршува со осветувањето на водите на Охридското Езеро на 19 јануари, настан што за прв пат нема да биде масовен. Нема да има централна манифестација, денот ќе се одбележи симболично во сите парохиски цркви.

 

Соња Рилковска